Заедно имаат бодови колку лидерот Ливерпул, но сепак е дерби на колото

Некогаш ова беше дуел на два клуба кои се борат за титулата, но сега ситуацијата е многу поинаква. Арсенал е на шест бода од зоната за испаѓање, додека за Манчестер јунајтед најголем успех сезонава во Премиер лигата ќе биде ако стигне до позиција која води во Лигата на шампиони за следната сезона. Ако се погледне табелата, Арсенал и Манчестер јунајтед заедно имаат освоено 55 бода сезонава, колку што има лидерот Ливерпул.

Топчиите се домаќини, но тоа сезонава и не им е некоја предност. Арсенал има четири порази во низа на свој терен, со што го повтори негативниот рекорд од пред 60 години.  Домаќините ќе се обидат да стигнат до првата победа под водство на новиот тренер Микел Артета кој во досегашните два меча има реми и пораз. Меѓу стартните 11 кај домаќините се очекува враќање на Гранит Џака.

Манчестер јунајтед игра многу променливо, па на гости успеа да го победи Сити, но потоа загуби од Вотфорд кој седум месеци немаше радост на свој терен. Проблем за гостите ќе биде играта во средниот ред, затоа ќе ќе го нема МекТоминиј, а во Лондон не отпатува ниту Пол Погба.

Сепак, без разлика на формата, традицијата вели дека овие мечеви секогаш носеле неизвесност и погодоци. На последните 13 меѓусебни меча, секогаш имало барен по два гола, а дури 10 пати било гол-гол ситуација. За тоа колку се израмнети и неизвесни овие средби, покажува и фактот што во тие последни 13 пресметки, Манчестер има пет победи, Арсенал се радувал четири пати, а четири пати било и нерешено.

 

- Оглас -

Најнови вести