Загреб се израдува на победа во ЛШ по пауза од 695 дена!

Хрватскиот првак Загреб стави крај на една неверојатно лоша низа. По пауза од 695 дена и одиграни 23 натпревари без победа, Загреб вечерва триумфираше во меч од Лигата на шампионите, и тоа против Мешков Брест со 31:24.

Загреб не знаеше за победа во Лигата на шампионите од 22 февруари 2020 година, кога во загрепската арена беше победен Алборг. Од тој меч поминаа 23 средби на кои Загреб немаше победено сè до вечерва.

Победата на Загреб како да беше најавена уште минатата недела, кога хрватскиот тим одигра нерешено 30:30 на гости кај Мешков Брест. Загрепчани одлично го отворија мечот и поведоа со 8:4, но Мешков Брест не се предаде и на полувреме стигна до 14:14.

Гостите водеа со 17:16 во второто полувреме, но тогаш Загреб го одигра најдобриот период во ЛШ. Стигна до предност од 24:20, а во финишот на средбата разликата беше зголемена на седум разлика.

Загреб сега има четири бода и е на седмото место на табелата, а Мешков Брест е последен само со еден освоен бод.

Резултати од денешните мечеви во ЛШ: Алборг – Кил 35:33, Кјелце – Барселона 29:27, Монпелје – Елверум 39:32.

- Оглас -

Најнови вести