Зајон се увери дека Адетокумбо е незапирлив, сигурни „кецови“ на Лејкерс, Денвер и Хјустон (видео)

Милвоки е единствениот гостински состав кој ноќеска успеа да слави во вкупно четири меча кои се одиграа. Елените триумфираа во Њу Орлеанс против Пеликанс со 120:108 остварувајќи ја 43-тата победа по точно 50 натпревари.

Првиот овосезонски пик Зајон Вилијамсон за првпат доби прилика да ги одмери силите со најкорисниот играч во лигата, а Адетокумбо му покажа дека ретко кој може да го спречи во неговиот налет. Популарниот Грик Фрик, како што го нарекуваат, мечот го заврши со 34 поени, 17 скока и шест асистенции, а до некаде успеа да му парира само Брендон Инграм, кој со 32 поени се истакна како најефикасен од составот на Пеликаните.

Вилијамсон реализира 20 поени, што е сосема солидно за младиот кошаркар кој постепено воспоставува играчка форма по долгата пауза поради повреда.

Џејмс Харден со својот дабл-дабл учинок од 40 поени и 12 асистеции го предводеше Хјустон до 32-рата победа сезонава против Шарлот хорнетс со конечни 125:110.  Денвер нагетс славеа со убедливи 127:99 против Портланд, во мечот во кој блескаше Никола Јокиќ со 29 поени, 13 скока и 9 асистенции.

Последната пресметка од програмата се одигра во „Стејплс центарот“, кадешто ЛА лејкерс ја запиша 38-та победа сезонава во дуелот против Сан Антонио спарс. Езерџиите предводени од Леброн Џејмс и неговите 36 поени, 9 асистенции и 7 скока славеа со убедливи 129:102.

- Оглас -

Најнови вести