Заслужува ли Благоја Милевски да продолжи да ја води фудбалската репрезентација на Македонија?

Пред две години и три месеца Благоја Милевски беше промовиран и дебитираше на селекторското место на сениорскиот фудбалски тим на Македонија. Дојде на местото на Игор Ангеловски, чиј договор заврши по Европското првенство и не доби продолжување на соработката.

Милевски наследи селекција која само што се врати од историското прво Европско првенство и беше во полн ек од квалификациите за СП 2022 година. Дебито на Милевски како предводник на сениорите го имаше на 2 септември 2021 година во Скопје, кога одигравме 0:0 против Ерменија.

Во тие квалификации за СП, Македонија со Милевски имаше три победи, три ремија и само еден пораз од Германија и заедно со залихата на поени од претходните дуели беше доволно да завршиме на второто место веднаш зад Германија.

Тоа се и најуспешните квалификации за Македонија за едно големо натпреварување, па обезбедимвме место во баражот за Мундијалот во Катар. Потоа следуваше победата над Италија во Палермо со 1:0, кога дојдовме само на еден чекор од место на СП, но во клучниот дуел загубивме од Португалија со 2:0.

Потоа следуваа мечевите во Лигата на нации, кои беа неуспешни од секој аспект. Македонија беше во група со Грузија, Бугарија и Гибралтар, а во шест меча имавме само две победи над аутсајдерот Гибралтар, едно реми со Бугарија на гости, а потоа и пораз од Бугарија дома, додека од Грузија двапати загубивме (0:3 дома и 2:0 на гости).

До крајот на 2022 година одигравме три контролни дуели во кои загубивме од Саудиска Арабија (1:0) и Азербејџан (1:3), а одигравме нерешено со Финска (1:1). Во 2023 година започнаа квалификациите за ЕП 2023 година и во група со Англија, Италија, Украина и Малта завршивме со осум бода. Двапати ја победивме Малта, а дома ги изненадивме гигантите Италија и Англија, кога двапати одигравме по 1:1. Од Англија во Манчестер го претрпевме најубедливот пораз во историјата, кога беше 7:0 за Гордиот Албион, додека убедливо загубивме и на „Олимпико“ во Рим од Италија со 5:2. Двапати загубивме во дуелите со Украина.

Во 2023 година одигравме и две контролни средби во кои ги победивме Фарски Острови (1:0) и Ерменија (3:1).

Вкупно за две години и три месеца Македонија со Милевски како селектор има 28 натпревари и биланс од 10 победи, 11 порази и седум нерешени, со вкупна гол-разлика од 38 дадени и 42 примени гола.

Како најдобри резултати, секако, се победата во Палермо над Италија, како и нерешените дуели со Аѕурите пред два месеци и последното реми против Англија. Сепак, не смее да се заборави историскиот дебакл на „Олд Трафорд“, очајните настапи во Лигата на нации, кога добивавме лекции од Грузија и Бугарија.

Следните неколку месеци се „празен период“, а Управиот одбор на ФФМ треба да реши дали Милевски ќе добие нов договор или во периодот што следи, Македонија ќе добие нов селектор.

- Оглас -

Најнови вести