Заспаната убавица УЕФА ќе се разбуди утре

Коронавирусот направи хаос во светскиот фудбал и, за жал, како домино-ефект го урна поредокот и нормалниот тек на домашните првенства, но и натпреварите на интернационалната сцена.

Во ваква ситуација, кога сепак животот на спортистите и општо на луѓето е најважната работа на светот, тие што раководат со најважната споредна работа на планетата, односно на Стариот Континент, комплетно потфрлија.

ЌЕ ПОЧЕКАМЕ ДО УТРЕ ДА МИНЕ ЗИМСКИОТ СОН НА УЕФА 

УЕФА има луд план како да се одржи Европското првенство во 2020 година, беше насловот на Спорт Манија од пред некој ден. И навистина е луд, нема друг збор со кој може подобро да се опише катастрофалната реакција на Европската куќа на фудбалот.

Замислете сè уште се мислат како да најдат излез од лавиринтот во ситуација кога Коронавирусот нè носи кон слепа улица. Наместо веднаш да реагираат со одлука и објава дека организацијата на ЕП 2020 се става во мирување, чиновниците во УЕФА смислија и план. Ќе се игра во големите градови, кои имаа услови за карантин за не дај боже ако навивачите се заразат со Коронавирус.

Па ова ни Орвел не можеше да го смисли. Така е кога фотелјите се далеку од обичните столчиња на стадион, па бирократите, кои носат одлуки, а речиси и да немаат врска што е фудбал ќе чекаат до утре да донесат одлука што ќе биде со ЕП 2020.

Дел од националните федерации ѝ покажаа на заспаната убавица од УЕФА како треба да се реагира соодветно. Итен кризен состанок и експресна одлука објавена на социјалните мрежи. Нема фудбал на неодредено време. Толку треба, точка.

Алтернативниот план, што го знаеме до денеска, на еден ден до официјалното објавување дали ЕП 2020 ќе стане ЕП 2021 им е уште полуд. Може да се одложи шампионатот за идната година, инаку официјално закажан за овој јуни и јули, ама и националните федерации да учествуваат во покривањето на трошоците. А, тие се бааги големи, 200 до 300 милиони евра. За резервација на стадиони, хотели, маркетинг, продажба на билети, ТВ-права… Пазете ова го бара една од најпосакуваните убавици во светот на спортот. Богата федерација, за жал, со менаџмент и идеи од некои минати векови.

Очекуваме од Чеферин и дружината до утре да се разбудат и конечно да бидат на нивото што од нив се очекува. Практични, чесни, посветени само за тоа што се избрани, на неговото величество фудбалот.

Да го одложат шампионатот за следната година, да им овозможат на Македонија и Косово и на сите останати селекции што ќе играат баражи во Лигата на нациите, а се важни за пласман на ЕП да се одиграат во нормални времиња и услови, кога комплетно ќе мине кризата со Коронавирусот.

И да го одврзат ќесето и тие да им помогнат на националните федерации во услови на најголемата криза во овој милениум, а не обратно, како што ни во најлудите соништа не смеаат да помислат, а не па да го понудат како идеа.

РОНАЛДО И ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ

Малку и смешно ми личи демантот дека Роналдо ги отстапил своите капацитети, односно хотели и куќи во битката со Коронавирусот.

Демек ЦР7 и не бил толку хуманитарец, како да треба на сите да ни каже колку и кому донирал и помогнал во животот.

А, и покрај тоа што можете да го сакате или не, мора да се почитува еден таков светски ас. И да, донирал безброј пати во животот, но веројатно сразмерно со големината и не сака да крева голема прашина.

Големите асови знаат како треба, кому треба и кога да го одврзат ќесето. Тие што знаат добро, ќе ви кажат и за Пандев и за Барди, Николов и за многу наши врвни и помалку успешни спортисти кои несебично помагаат со хумани дела.

И деновиве повторно гледаме зошто спортистите се меѓу најомилените суштества на планетата, идоли на милиони луѓе. Погледнете го Зајон Вилијамсон, момче на 19 години на почетокот на НБА-кариерата, какво срце има. Планина, донираше милиони за помош на работниците и таканаречениот „стаф“ што остана без приходи во кризата за Коронавирусот, а фукционира како швајцарски часовник за ние да го гледаме блесокот на НБА-лигата во полн сјај. И Кевин Лав како со многу љубов ѝ помага на заедницата во Кливленд да ги преживее тешките времиња. На иницијативата се приклучија уште еден куп асови, што само потврдува што значат спортистите и спортот во животот на обичните луѓе. Радост, возбуда, понекогаш и тага, но секогаш со подадена рака и во победа и во пораз.

Затоа уште еднаш капата долу за сите спортисти што најчесто тивко, без многу врева и самореклама се на првиот браник на одбраната на светски вредности на човештвото и подготвени секогаш да им помогнат на беспомошните.

И за крај, следете ги препораките на нашите идоли, Пандев, Елмас, Барди, кошаркарите, ракометарите, одбојкарите, репрезентативците во индивидуалните спортови, клубовите. Тие велат:

ОСТАНЕТЕ ДОМА, ЗДРАВЈЕТО Е ЗАЕДНИЧКА ОДГОВОРНОСТ, СПЛОТЕНИ И СЛОЖНИ ДА ГО ПОБЕДИМЕ ВИРУСОТ!

 

 

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести