Заврши серијата на Голден стејт од девет победи, Торонто „гази“ сè пред себе (Видео)

Јута џез на домашен терен славеше против Голден стејт во дербито на денот во НБА-лигата. Џезерите кои го имаат четвртиот најдобар биланс на Западот, беа убедливи и победија со 111:85 против Голден стејт, кој имаше девет победи по ред.

Воините добро го отворија дуелот и водеа во најголем дел од првата четвртина, а во вториот квартал двата тима се менуваа во водство. Неизвесно беше до почеткот на третата четвртина (58:58), а потоа следуваше серија од 13:2 за домаќините и Јута поведе со 71:60. Кон средината на последната четвртина, Јута имаше и убедливо водство од 30 поени, 102:72, и беше јасно дека тука ќе заврши победничката серија на Голден стејт.

Сега тим со најдобра низа е Торонто, кој победи на гости кај Оклахома со 117:98, што беше седми триумф во низа за Рептилите. Уште во првата четвртина гостите покажаа дека се дојдени за победа и по првите 12 минути имаа 12 поени предност (34:22). До крајот на средбата, фаворитот го контролираше резултатот и не дозволи никакво изненадување.

Резултати: Кливленд – Сан Антонио 105:92, Шарлот – Чикаго 109:121, Оклахома – Торонто 98:117, Портланд – ЛА лејкерс 107:105, Сакраменто – Минесота 132:119, Јута – Голден стејт 111:85.

- Оглас -

Најнови вести