Жешка е предиграта, ама изгледа заврши – Барселона и Наполи сепак ќе играат на „Камп ноу“

Жешка е предиграта на реваншот од осминафиналето во Лигата на шампионите, но Барселона и Наполи сепак најверојатно ќе играат на „Камп ноу“.

Гостите од Неапол притиснаа мечот закажан за 8 август да се игра на „Луж“ во Лисабон, а не во Барселона поради зголемениот број на заразени со ковид-19 во главниот град на Каталонија.

Сепак, мечот скоро сигурно ќе се игра на „Камп ноу“ откако и Министерката за здравство на Каталонија, Алба Верхес, даде зелено светло за одигрување на натпреварот.

„Испративме извештај до УЕФА со гаранции дека мечот може да се одигра во Барселона. Апослутно е безбедно, ќе се почитуваат сите протоколи, а и се работи за натпревар што ќе се игра зад затворени врати“, изјави Верхес.

Наполи бараше реваншот да се игра во Лисабон, град кој ќе биде домаќин на завршницата на Лигата на шампионите, но од четвртфиналето.

Четирите преостанати реванш-дуели од осминафиналето ќе се играат во земјите од каде што потекнуваат екипите, кои треба да бидат домаќини.

На 7 август Јувентус во Торино ќе се обиде да ја анулира негативата од 0:1 од првиот меч со Лион, а истиот ден во Манчестер, Сити ќе игра против Реал Мадрид, а ќе почне со позитива од 2:1.

Следниот ден Барселона и Наполи ќе играат на „Камп ноу“, откако првиот меч во Неапол заврши нерешено 1:1, и Баерн во Минхен ќе го пречека Челзи со огромна позитива од 3:0.

 

- Оглас -

Најнови вести