Жешките му пресудија на Бостон, Лејкерси добија херој од сенка (видео)

ЛА лејкерс се избори за тесна, но многу важна победа против Њујорк никс со минимални 101:99 по едно продолжение благодарение на тројката на Тејлен Хортон-Такер на 21 секунда до крајот од дуелот во Лос Анџелес.

Актуелниот првак ги задржа шансите во битката со Портланд за директен пласман во плејофот, но за да се најде таму, мора да ги добие последните три меча од регуларниот дел, а притоа Блејзерси да загубат два од последните три дуели против водечките екипи од Западот, Јута, Феникс и Денвер.

Никси како овосезонски хит предводени од поранешниот пик на Лејкерс, Џулиус Рендл, во дуелот влегоа со намера да му наштетат на шампионот и беа блиску до тоа остварување. Сепак, херојот од сенка за Езерџиите, имаше доверба во себе да ја преземе одговорноста и ја оправда со тројката за победа.

На крајот, не беа доволни комбинираните 58 поени на Рендл (31) и Роуз (27), додека Кузма со 23 и Дејвис со 20 поени беа исто така клучни за домаќините во победата.

Во меѓувреме, Мајами хит му пресуди на Бостон во победата од 129:121 во Масачусетс, па сега Келтите патот до разигрувањата ќе мора да го изборат преку плејин-фазата, во која најверојатно ќе се сретнат со Вашингтон.

Тајлер Хиро со дабл-дабл од 24 поени и 11 скока ги предводеше Жешките, додека за Бостон не беа доволни 36-те поени на Вокер, односно 33 поени на Тејтум.

Останати резултати НБА:

Шарлот 112:117 Денвер, Детроит 100:119 Минесота, Торонто 95:115 Клиперс, Чикаго 107:115 Бруклин, Индијана 103:94 Филаделфија, Мемфис 133:104 Далас, Милвоки 114:102 Орландо, Голден стејт 122:116 Феникс, Сакраменто 122:106 Оклахома.

- Оглас -

Најнови вести