Жешките продолжуваат со одличните игри во плејофот, брејк на Мајами во Њујорк

Кошаркарите на Мајами хит продолжуваат со одличните игри во плејофот во НБА лигата и полуфиналната серија против Њујорк никс ја започнаа со победа.

Жешките откако во првото коло од плејофот го елиминираа најдобриот тим од регуларниот дел од сезоната, Милвоки бакс, вечерва со 108:101 го совлада Њујорк во „Медисон сквер гарден“.

По израментото прво полувреме кое му припадна на Њујорк со 55:50, Мајами со одличната игра во третата четвртина која ја доби со 20:31, го реши победникот. Сите обиди на играчите на Њујорк во последните 12 минути да се вратат во игра, беа одбиени од Жешките кои продолжуваат со одличните игри во плејофот.

Џими Батлер со 25 поени и 11 скока беше најдобар кај Мајами, а добра партија прикажаа и Гејб Винсент со 20 поени и Кајл Лаури со 18 постигнати поени. Кај Њујорк, Ар Џеј Берет беше најпрецизен со 26 поени и 9 скока, додека Џејлен Брансон постигна 25 поени.

- Оглас -

Најнови вести