Жиру: Бог сакаше да потпишам за Милан

Францускиот голгетер Оливие Жиру на денешната негова прва прес-конференција како член на Милан објасни зошто било време да го напушти Челзи и дека „Господ сакал тој да потпише за Милан“.

„Кога бев мал, ги гледав натпреварите на Милан кога играше Шевченко, а подоцна тој ми стана пријател од кого барав совети. Чест е за мене да бидам во клуб за којшто играле многу ѕвезди, за мене беше емотивно и кога разговарав со Паоло Малдини. Ова е еден од најголемите клубови на светот и навистина верувам во овој проект“, изјави новата деветка на Росонерите.

По повлекувањето на Филипо Инѕаги, бројот 9 во Милан како да е проколнат и никој не се прослави.

„Не сум суеверен. Мислам дека бројот на дресот нема да го смени мојот стил на игра. Овој број во Милан го носеле Инѕаги, Ван Бастен и Папен, но немам притисок“, рече Жиру, кој во минатата сезона со Сините од Лондон ја освои Лигата на шампионите.

„Беше време да си заминам од Челзи и да заиграм во некоја друга лига. Бог сакаше да играм за Милан. Имаме квалитет за многу добра сезона во ЛШ. Мојата возраст не значи ништо, Златан Ибрахимовиќ е неколку години постар од мене. Најважна е мотивацијата“, заклучи фудбалерот кој следниот месец ќе наполни 35 години.

 

- Оглас -

Најнови вести