Зидан: Едноставно го нема Роналдо и тоа не може да го промениме

Ниту со враќањето на Зинедин Зидан на клупата на Реал Мадрид работите не тргнаа ништо подобро за Кралскиот клуб. Реал синоќа ремизираше 1-1 на гости кај Леганес, а Карим Бензема го даде единствениот гол за гостите. Бензема сезонава даде 26 голови во сите натпреварувања и е убедливо најдобар стрелец во тимот. Францускиот напаѓач доби пофалби од тренерот, но Зидан сепак се фокусираше на фактот дека во тимот го нема Кристијано Роналдо, кој со години ја правеше разликата меѓу Реал и противниците.

„Ситуацијата со Кристијано е таква и не можеме да ја промениме. Едноставно, него го нема. Може да доведеме кој било играч, но кого и да доведеме, нема да го направи тоа што го направи Кристијано за Реал. Така е тоа во животот. Тој направи многу големи работи за клубот и сите бевме воодушени. Сега е во друг клуб и има друга цел во неговата кариера. Уморен сум од повторување дека нема да освоиме ништо оваа сезона, но ќе се обидеме да ја завршиме на најдобар можен начин“, рече Зидан.

Реал моментно е трет во Примера дивисион и единствено добро е тоа што сигурно има обезбедено место во Лигата на шампионите за следната сезона.

- Оглас -

Најнови вести