Зидан и Модриќ сонуваа за Барса, Симеоне и Иниеста би играле само во Реал…

Шпанскиот спортски весник „Марка“ објави текст со наслов „Проклета архива“, во кој потсети на некои стари изјави кои од денешен аспект изгледаат многу интересни и се обратни од тоа што се случуваше во реалноста. Денеска никој не би можел да го замисли Диего Симеоне во Реал Мадрид или Зинедин Зидан во Барселона, но пред 20-тина години беше поинаку.

Мексиканскиот дефанзивец Рафаел Маркес во 2001 година даде интервју за „Марка“ и позираше во дрес на Реал, изјавувајќи дека неговиот потпис е завршена работа. Маркес никогаш не заигра за Реал, стана легенда на Барселона, за која играше од 2003 до 2010 година.

Лука Модриќ во 2008 година, додека уште играше за Динамо Загреб, позираше со дрес на Барса во интервју за „Елмундо депортиво“ и рече дека не крие дека со тогашната девојка Вања биле на „Камп ноу“, го гледале натпреварот Барселона – Еспањол и дека би сакал да заигра за Каталонците. Наместо тоа, Лука премина во Тотенхем, а од таму во најлутиот ривал на Барселона, Реал Мадрид, со којшто стана и најдобар фудбалер на светот за 2018 година.

Зинедин Зидан испиша историја со Реал Мадрид, освои европска титула со овој клуб и како играч и како тренер, но додека играше за Јувентус, негова желба беше да направи трансфер во Барселона. Зизу тогаш рече дека секој фудбалер сонува да игра за Реал или Барселона, но тој ги преферира Каталонците бидејќи уште од дете му биле омилен клуб. Реал од Зидан направи најскап фудбалер во историјата и засега нивната врска е нераскинлива.

Актуелниот тренер на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, сега е фанатик на Јорганџиите, каде што долго време работи и откако стана тренер на Атлетико, повторува дека никогаш не би го водел Реал. Но, додека му траеше играчката кариера, тој имаше поинакви размислувања. Во 1994 година, кога играше за Севилја, Чоло даде интервју во кое изјави дека ако си оди од клубот, би заминал само во Реал Мадрид. „Би одел само во Реал, ако кажам нешто друго, би било лага“, изјави Симеоне.

Интересен е историјатот и на Андрес Иниеста, една од легендите и капитен на Барселона во последните 15-тина години. Одигра речиси 450 меча за Барселона, но тој има кажано дека како мал со цело срце навивал за Реал Мадрид.

Има и други случаи, на пример, Жозе Мурињо велеше дека Лигата на Европа не го интересира и не би сакал да ја освои, а потоа ја смени лентата и кажува дека подобро е трофеј во ЛЕ отколку четврто место во Премиер лигата.

- Оглас -

Најнови вести