Зидан има една дилема пред „финалето“ со Интер

Реал Мадрид своето право на кикс го искористи во првото коло против Шахтар, па сега 13-кратниот европски првак се доведе во ситуација за таа грешка да се вади против големиот Интер. На Реал трите бода му се неопходни, Зинедин Зидан овој меч го нарече „ноемвриско финале“ и најави дека мадридскиот тим ќе игра како да е финале, бидејќи ако загуби, може за првпат да не ја мине групата, што би било невидена катастрофа за нив.

Шпанските медиуми ретко го погодуваат почетниот состав кој го најавуваат, Зидан секогаш сака да експериментира и да изненадува, па и овојпат веројатно ќе биде така. Се најавува дека во нападот ќе бидат истите тројца стартери кои почнаа и викендов против Уеска, а тоа се Азар, Асенсио и Бензема, но можно е Асенсио да биде на клупа, додека во првите 11 да биде Лука Модриќ.

Ако Зидан процени дека му треба згуснат среден ред, Модриќ ќе почне, иако сезонава Хрватот се покажува како квалитетен џокер кога влегува од клупата.

Најголем проблем за Кралевите е позицијата десен бек, а кај Интер на таа позиција е брзиот Ашраф Хакими, кој летоска токму од Реал премина во Интер.

- Оглас -

Најнови вести