Зидан не се плаши од судењето на мечот против Челзи

Реал Мадрид на утрешниот меч против Челзи од полуфиналето на Лигата на шампионите нема да смета на стартниот лев бек Ферлан Менди, но во средниот ред ќе се појави Тони Крос. Ова го изјави Зинедин Зидан на прес-конференцијата во пресрет на дуелот на „Алфредо ди Стефано“.

Имаше дилеми дали Крос и Менди ќе заиграат, а Зизу објасни дека Германецот е подготвен, додека за Французинот Менди тоа не важи и уште му треба време за целосна рехабилитација. Од претходно се знаеше дека во аут се Серхио Рамос (можеби ќе игра на реваншот во Лондон), Лукас Васкес (за него сезонава е завршена) и Федерико Валверде (позитивен е на ковид-19).

„Тони е добар и ќе игра, а Ферлан не, тој уште некое време ќе биде во аут. Мечот со Челзи ќе биде поразличен од секој друг што го одигравме досега. Ќе треба да одиграме два добри меча ако сакаме да се пласираме во финалето. Челзи е комплетен тим кој и напаѓа и се брани добро“, рече Зидан, кој не се плаши од судењето и шпекулациите дека сега УЕФА ќе сака да му се одмазди на Реал за обидот за формирање Супер лига.

„Ме интересира само нашата игра, не се фокусираме на работи кои не можеме да ги контролираме. Судијата ќе го прави тоа што треба. Не е добро ако однапред мислиме дека ќе бидеме оштетени“, вели Зидан.

- Оглас -

Најнови вести