Зверев доби забрана, а тенисерот објасни дека ако не го прави тоа, животот ќе му биде во опасност

Германскиот тенисер Александер Зверев се пласира во четвртфиналето на Ролан Гарос и утре ќе игра против Аргентинецот Томас Мартин Ечеверија, но сега се соочува со неочекуван проблем.

Организаторот на Ролан Гарос му забрани на тенисерот да добива инсулин додека е на теренот. Уште додека бил тригодишно дете, на Зверев му било дијагностициран дијабетис тип 1 и постојано мора да добива инсулин за да го одржи потребното ниво на шеќер во крвта.

За време на вчерашниот меч против Бугаринот Григор Димитров, германскиот тенисер во пауза меѓу гејмовите реши самиот да си стави инсулинска инјекција. Тогаш реагираа официјалните лица и сугерираа дека не е дозовлено тенисерот тоа да го прави на теренот.

„Ми рекоа дека тоа не смаем да го правам и морам да го напуштам теренот. Ми соопштија дека тоа ќе го сметаат како земање пауза за во тоалет. Имам само две паузи за во тоалет и ако мечот трае пет сета, понекогаш може да се случи да се боцнам четири или пет пати инсулин. Оваа забрана значи дека не се дозволува нешто што е неопходно за мојот здрав живот“, реагираше Зверев.

Проблемите на Зверев продолжија и откако мораше да го напушти теренот за да ја добие инсулинската терапија. Супервизорот на „Ролан Гарос“ го известил тенисерот дека само лекар може да му стави инсулинска инјекција.

„Супервизорот влезе во просторијата и веднаш почна да вика: ‘Не, не. Не смеете тоа да го правите. Доктор мора да дојде да ви ја стави инјекцијата.’ Му објаснив дека имам дијабетис од својата трета година и дека точно знам што правам. Меѓутоа, супервизорот инсистираше и ми рече: ‘Не, тоа смее да го направи само лекар.’ Делува чудно на теренот, но ако тоа не го направам, мојот живот ќе биде во опасност. Оваа дискусија нема смисла“, разочарано реагираше Зверев, кој сега треба да се фокусира за утрешниот дуел.

- Оглас -

Најнови вести