Ѕвезда го пречекува Тотенхем, а Павков сонува за блесок како против Ливерпул

Секој што следи Лига на шампиони не може да ја заборави животната партија на Милан Павков против Ливерпул. Напаѓачот на Црвена ѕвезда ги потопи Црвените со два гола, од кои едниот беше еврогол, па српскиот шампион среде Белград го урна тогаш сè уште некрунисаниот европски првак.

Црвено-белите утре, на „Рајко Митиќ“ ќе се соочат со уште еден англиски гигант, со актуелниот вицешампион Тотенхем, во мечот кој ќе се игра во рамките од четвртото коло во групната фаза. Херојот на Ѕвезда сонува за уште еден таков настап, да придонесе за неговата екипа во обидот да се избори место меѓу 16-те екипи во нокаут-фазата.

„Вредно работиме и тренираме, знам дека сме подготвени да водиме „војна“ против Тотенхем. Овој дуел доаѓа во сличен момент како лани против Ливерпул, кога по поразот во Англија пруживме добра партија на домашен терен и славевме голема победа. Секако дека и сега би сакал да се запишам во листата стрелци, но најважно е да оствариме добар резултат. Верувам во нашиот квалитет, во моите соиграчи и тренерот. Не залудно сме меѓу 32-те најдобри екипи во Европа, ќе го докажеме тоа утре“, истакна Павков.

Во минатото коло Тотенхем славеше со убедливи 5-0, но знаејќи во каква криза се фудбалерите на Покетино надвор од Лондон, нема да им биде лесно на популарната „Маракана“ и пеколната атмосфера која ја прават Делиите.

- Оглас -

Најнови вести