Ѕвезда го враќа тренерот со кого освои три титули во АБА-лигата

Лидерот во АБА-лигата, Црвена ѕвезда, ќе го врати Дејан Радоњиќ на клупата, најавуваат повеќе српски медиуми. Најтрофејниот тренер во историјата на белградските Црвено-бели треба да го наследи Саша Обрадовиќ, со кого уште официјално не е прекината соработката, но наскоро ќе се добие потврда.

Радоњиќ од 2013 до 2017 година ја предводеше Ѕвезда до три титули во јадранскиот шампионат, како и три титули во српското првенство и исто толку трофеи во Купот на Србија. Црногорскиот стратег ќе биде тренер на Ѕвезда до крајот на оваа сезона, а потоа ќе се одлучува што понатаму.

Радоњиќ последно работеше во Баерн Минхен две години и беше еден од кандидатите за нов тренер на Ѕвезда изминатово лето, пред Обрадовиќ да ја добие работата.

Ѕвезда инаку е лидер во АБА-лигата со учинок 9-1, додека во Евролигата е претпоследна само со пет победи и 11 порази.

 

- Оглас -

Најнови вести