Ѕвездени мигови за Далас – Чекаа две децении и дочекаа финале во НХЛ (Видео)

Ѕвездени мигови доживеа актуелната генерација на Далас старс, која ќе игра финале во НХЛ за титулата во Стенли купот, по новиот четврти триумф во серијата против Вегас голден најтс.

Јунак на последниот петти меч во финалната серија на Западот беше дебитантот Денис Гурјанов, со погодок во четвртата минута од продолжението.

Гурјанов упати прецизен удар во дополнителното време, а Далас со комплетен пресврт од негатива од 0:2 стигна до 2:2 во регуларниот дел и победа од 3:2 со златен гол, за конечни 4:1 во серијата против фаворитот.

Гурјанов е само петтиот „руки“ во историјата на НХЛ-лигата што постигнал победнички плејоф гол во продолженија, а Далас комплетно го надигра топ-фаворитот во Западната конференција во финалната серија.

За популарните Ѕвезди ова е прво финале во најсилната хокеарска лига по цели 20 години. Последен пат за еден од највредните пехари на планетата играа во 2000 година, но загубија од Њу Џерси девилс со 2:4.

Една година претходно, предводени од НХЛ-легендата Мајк Модано ја освоија и единствената титула што ја имаат во колекцијата со триумф против Бафало сејберс, исто така со 4:2.

Интересно е што лани во декември Далас го смени тренерот Монтгомери поради проблеми со алкохол, па речиси никој не очекуваше Рик Боунес, кој го замени на клупата, да го одведе тимот во финалето на НХЛ.

Далас има вкупно четири финалиња досега, а три ги загуби, па сега има шанса за втор пехар. Го чекаат противникот од Источната конференција, а фаворит е Тампа беј лајтнингс, екипа која води со 3:1 против Њујорк ајландерс.

Ноќеска се игра петтиот мел и во оваа серија и ако Тампа победи, ќе игра за пехарот со Далас.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести