Ѕвездите на Шалке 04 се бунат: Напаѓаме во стар англиски стил, а се браниме како да сме Италијанци

Фудбалерите на Шалке 04 не се согласуваат со концептот на тренерот Франк Крамер, кој доби отказ во април годинава во Арминија Билефелд и веднаш во јуни доби шанса да биде кормилар на тимот од Гелзенкирхен.

Крамер, според неколку ѕвезди во тимот на Шалке 04, има чуден концепт да се напаѓа со долги топки, во англиски стил од некои дамнешни времиња, а велат и дека премногу се игра дефанзивно.

„Играме чудно, со долги топки во нападот, а мислам дека и премногу се браниме, односно играме премногу дефанзивно. Шалке 04 секогаш го красел офанзивниот стил на игра, а ова воопшто не личи на нашиот концепт“, вели капитенот Симон Тероде.

Тој лани беше убедливо најдобар стрелец во Втората германска лига со 30 гола и беше клучниот играч за камбек во Бундеслигата.

Во ланската сезона одлично за Шалке 04 играше и нашиот репрезентативец Дарко Чурлинов, како позајмен играч од Штутгарт, но потоа си замина во Барнли откако раководството на тимот од Гелзенкирхен објави дека нема пари да му го откупи договорот.

Во тој циклус на натпревари, Шалке 04 беше најефикасната екипа во популарната Цвајта, а сега е меѓу најнеефикасните во Бундеслигата по 9 кола.

На Тероде му се приклучија и Дани Лаца, Мариуш Бултер и уште неколку соиграчи, а кризата е очигледна кај Шалке, клуб кој е еден од најпознатите во Германија и има 7 шампионски круни на четвртото место на вечната листа со екипи со најмногу пехари.

Под команда на Крамер, клубот од Гелзенкирхен е трет одоздола на табелата во Бундеслигата само со една победа и шест бода во девет кола, а јасно е дека за него лоша е позицијата во која главните играчи на тимот не се согласуваат со неговата тактика.

Следниот дуел со Хофенхајм што Шалке 04 ќе го игра утре како домаќин може да биде клучен за судбината на 50-годишниот тренер и се најавува отказ за него, ако се загуби мечот.

 

 

- Оглас -

Најнови вести