Запамтете го ова име – светскиот фудбал добива нов бисер

Првиот ден од Лигата на шампионите беше во знакот на една нова ѕвезда, која блеснува на европското фудбалско небо. Ерлинг Бро Халанд е 19-годишниот напаѓач на Салцбург кој засекогаш ќе го памети дебито во Лигата на шампиони. Тинејџерот летоска направи трансфер во австрискиот тим и се покажа како големо засилување.

За момчето кое потекнува од школата на Молде, светската јавност првпат слушна на Мундијалот за играчи до 20 години. Тогаш Халанд даде неверојатни девет гола во победата на Норвешка против Хондурас. 

Синоќа Халанд имаше нов блесок. За првпат играше меч во групната фаза од ЛШ и уште во првото полувреме даде хет-трик во дуелот против Генк. За Халанд летово се интересираше Манчестер јунајтед, но фудбалскиот бисер сепак реши дека за него сега е подобро да игра во помал клуб каков што е Салцбург и да го докаже големиот талент.Сезонава вкупно одигра девет меча за австрискиот првак, а има постигнато дури 15 голови.

Талентот на Халанд не е случаен. Тој потекнува од фудбалско семејство. Неговиот татко Алф Инге Халанд беше норвешки репрезентативец, а во кариерата настапуваше за  Нотингам Форест, Лидс јунајтед и Манчестер сити.

 

- Оглас -

Најнови вести