Дојде ред за „Тешкото“, со Македонија сплотена ќе биде полесно

Македонија само за миг со ремито против Естонија го загуби сигурниот чекор кон историски настап на големо натпреварување, но максимата „Загубивме една битка, за да ја добиеме војната“ совршено може да испадне точна со две победи со ист противник, Грузија, на двата следни натпревари. Особено со голем триумф на 12. ноември во Тбилиси што директно не носи на Европското првенство идната година. Прво за сениорската фудбалска репрезентација на Македонија и второ по херојскиот подвиг на младинците пред три години, кога избраниците на Благоја Милевски играа на ЕП во Полска.

Колку пораснаа очекувањата и се врати темпераментот кај нацијата и надежта за конечен исчекор и настап на ЕП јасно покажуваат и реакциите по мечот со Естонија.

Ремито 3:3 иако не е пораз, се доживеа како национална трагедија небаре Македонија е постојан учесник на Мундијалите и на Европските првенства. Реакциите се претежно негативни, а реално покажавме доста слабости, за кои сепак има и објективни причини.

Гостувањето во Талин ни дојде во незгоден момент по големата победа против Косово во физички и психички исцрпувачки меч, на кој немавме право на кикс. Проблемот што во составот против Косово го немавме најскапиот играч и најголем талент во моментов, Елиф Елмас, максимално умешно го анулиравме и фудбалски го надигравме ривалот за пласман во големото финале во Д сегментот во Лигата на Нации.

НИШТО ВЕЌЕ НЕ Е ВАЖНО, САМО ДА СЕ ПОБЕДИ ГРУЗИЈА ЗА ПАТ НА ЕП

Нормално е само три дена подоцна на долго патување на Северот на Европа во услови на пандемија со Ковид-19 и сите строги протоколи што одат со ситуацијата да дојде и до замор и до психолошко празнење и до повреди што не десеткуваа пред дуелот со Естонците.

Домаќините немаа што да загубат со 13 меча без победа пред нив, поодморни и помотивирани од ривал што само три дена претходно славеше една од најзначајните победи во својата скромна фудбалска историја.

Но, кај нас секогаш е така, еуфоријата брзо ја заменуваме со трагедија, како „свич“ на грамофонска плоча од 45 на 33. Веројатно сите сакаме уште утре да играме и да ја победиме Грузија за пласман на ЕП. Кој да чека до 12. ноември, каков распоред, каква Естонија и УЕФА, дајте веднаш да ги решиме дилемите.

Периодот октомври-ноември навистина е историски за нашиот фудбал, но треба да бидеме мудри сите заедно, за да не ја прокоцкаме огромната шанса да бидеме дел од кремот на европскиот фудбал.

Понекогаш треба и да бидеме трпеливи, со вистинска стратегија за една мала земја, која треба паметно да ги распореди силите во тешки услови и набиен распоред. Да останеме сите сплотени со верба во своето и пред се во квалитетот на Пандев, Барди, Алиоски, Несторовски, Адеми… и сите што се дел од репрезентацијата, за да ја оствариме целта.

Сега е моментот да не стивне еуфоријата што на импресивен начин ја покажа цела Македонија, без разлика на вера, религија, потекло, националност… по победата против Косово. Имаме само уште еден чекор до исполнувањето на 30-годишниот сон, Македонија конечно да биде на европската мапа со кремот на европскиот сон.

Фудбалерите и покрај сите проблеми, сомнежи, шпекулации успеаја постојано да бидат сплотени како еден и да ни подарат шанса со победа на само уште еден меч да го оствариме тоа што долго го мечтаеме. До 12. ноември веќе ништо не е важно, ниту ремито со Естонија, ниту кој колку игра во клубовите, ниту ФФМ, лошите терени и домашните фудбалски маки.

Има само една цел, да се победи Грузија во Скопје и уште повеќе во Тбилиси. Затоа и сега да бидеме како репрезентативците, како еден, со најголема можна поддршка и еуфорија и сите заедно да веруваме и да помогнеме во исполнување на сонот, настап на ЕП 2021.

РОЛАН ГАРОС – ПАРИСКИОТ АРОНДИСМАН НА РАФАЕЛ НАДАЛ

Чекавме големо финале, добивме нов очекуван одговор од Рафаел Надал. Тениски Париз е само негов, Ролан Гарос е француската Бастилја на црвената фурија од Мајорка. Тврдина што никој не може да ја освои без негова дозвола. Тоа е веќе и непишан закон во тенискиот свет, по 13-та титула на земјениот грен-слем за феноменалниот тениски велемајстор.

Леснотијата со која го декласира најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ ја имавме видено и во минатото. Но, ретко кој веруваше дека може да се повтори од сега веќе 34-годишниот Крал на земјените подлоги, во екот на апсолутната доминација на Србинот, кој стаса во финалето со скор од 37-2, во чудната тениска 2020.

Да се надигра таков ривал во сет со 6:0 и во меч со само 7 загубени игри звучи неверојатно. Симфонија за сите вкусови, тоа е играта на Рафаел Надал на Ролан Гарос.

Сто победи и само два порази за 15 години настапи на гренслемот во Париз и феноменални 13 пехари на територијата на 16-от арондисман во главниот град на Франција.

Париз има вкупно 20 административни единици, колку и Надал гренслем титули, а во градот на светлината шпанската фурија заслужува свој арондисман. За подвиг што никогаш и никој го нема приредено, со рекорден број на титули на ист турнир и тоа не било каков, туку на најголемиот на сите времиња што се игра на земјена подлога.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести