Беше мајстор за фудбал и опасен виртуоз за мал фудбал – Хуманитарен тикет со Арсо Андовски

Гостин на Спорт Манија со хуманитарен тикет е познатиот македонски фудбалски ас Арсо Андовски, човек што имаше кариера исполнета со успеси и шампионски трофеи во македонското првенство и беше вистински велемајстор за мал фудбал, еден од најдобрите во историјата кај нас.

Почна во својата Југококта, сегашна Македонија Ѓорче Петров, населба во која долго време живееше и каде што фудбалот и во поранешни времиња и сега, како што вели, е стил на живот.

„Тогаш се знаеше, без играчи од Црвените згради во Хром не може да се состави тим ни за тренинг, а не па за за натпревар. По цел ден игравме фудбал, а Ѓорче Петров живееше за мечевите на тогашна Југококта. Таму ја почнав кариерата, а подоцна се преселив во Балкан и оттаму во Силекс. Во Кратово минав над една деценија во период кога Силекс беше и шампион и освојувач на националниот куп. Завршив со професионален фудбал во Куманово, каде што дојдов на молба на нашиот познат боксерски ас Аце Русевски“, за почеток ја раскажува својата приказна Андовски.

Со Ане Андовски во 80-те и 90-те години од минатиот век беа еден од најпознатите братски фудбалски тандеми во Македонија, а играа заедно и во шампионскиот тим на Силекс.

ВО МЕНХЕНГЛДАБАХ ДОЧЕКАНИ КАКО РЕАЛ МАДРИД, БОРУСИЈА ПАРК КРЦКАШЕ СО 40 ИЛЈАДИ ПУБЛИКА

Арсо остана подолго во Кратово и беше стандарден член на Силекс, на позицијата лев бек. Како шампиони на Македонија и освојувачи на националниот куп, кратовци редовно играа во Европа, а незаборавен беше двомечот со Борусија Менхенгладбах, тогаш веројатно и најсилната екипа во Германија, по гигантот Баерн Минхен.

На „Борусија парк“ во септември 1995 година домаќините предводени од познатите фудбалски асови Ефенберг, Далин, Штерхоф, Шнајдер…. славеа со 3:0 во првиот меч, а потоа во Скопје во спектакуларен реванш победија уште еднаш со 3:2.

„Имав зицер на првиот меч за да поведеме со 1:0, но и ден денеска ја паметам таа моја утка. Игравме во невиден амбиент пред околу 40 илјади гледачи, против светски ѕвезди од калибарот на Ефенберг, Далин… и на стадион за којшто велат дека е најтешко да се победи во Германија. Не дочекаа како да сме Реал Мадрид, со многу почит и искрено и покрај поразот, уживавме во меч што не се игра секој ден. Тогаш ’Борусија парк’ немаше атлетска патека, а стадионот е многу акустичен и има несекојдневна атмосфера. Беше бучно, домашните навивачи создадоа јужноамерикански амбиент, а Флипсен, Ефенберг и Клинкерт нè казнија за двете промашувања што ги имавме во клучни моменти. Игравме против голем тим, апсолутен фаворит, но не се посрамотивме. Напротив, и во Менхенгладбах и во Скопје на реваншот дадовме сè од себе и чесно се простивме од натпреварувањето во Купот на победници на купови“, вели Андовски.

Реваншот се играше во Скопје, а нашиот гостин раскажува за интересни моменти и за еден од најубавите мечеви што македонска екипа ги одиграла на евросцената.

„Германците се невидени професионалци во секој поглед. Во Скопје слета авион што дотогаш беше невиден во Македонија. Допатуваа специјално со фул опрема за ТВ-пренос што одеше на РТЛ. Новинари дојдоа кај мене дома за интервју, беа и кај Чоко Бошковски, подготвени со сите податоци. Да не речам со моменти од мојата кариера што ни јас не ги паметам. На терен им се спротивставивме машки во меч за уживање. Двапати и израмнувавме, но реално разликата меѓу германскиот и нашиот фудбал, иако на тој меч не се почуствува премногу, е голема. Против Ефенберг, кој тогаш беше меѓу најдобрите играчи на светот, беше како да играш против Роналдо и Меси. Пак ни даде гол, стрелец беше и Далин, а нè победија со погодокот на Нилсен. Мемеди за нас даде прекрасен гол и потоа погоди и Бошковски за чесно простување против голем противник“, се сеќава левиот бек на Силекс.

БМВ ВОЗЕШЕ СИГУРНО ВО АВТОКОМАНДА ПРЕД ПОЛНИ ТРИБИНИ, НАДВОР ОСТАНАА ДВОЈНО ПОВЕЌЕ ЛУЃЕ

Андовски играше уште неколку значајни мечеви во Европа со Силекс, против Бриж, Бејтар, Акранес.. И веднаш се сеќава на момент од двомечот со исладнскиот тим. Првиот дуел се играше на 17 јули во 1996 година, а Акранес славеше со 2:0 во необични услови.

„На Исланд дуваше невиден ветар, па топката воопшто не се контролираше. За да им се реваншираме, мангупски одлучивме да се игра во термин кога е најжешко во Македонија. Во 14 часот во јули на 40 степени излеговме на терен и делумно планот функционираше. Поведовме со 1:0 во финишот на првиот дел, но потоа и нас нè стопи топлото време и не успеавме да ја анулираме предноста комплетно, иако победивме минимално“ додава Арсо.

Неговата приказна е комплетно фудбалска бидејќи покрај големиот, играше, и тоа велемајсторски, и мал фудбал. Еден од најдобрите играчи во тоа време во мал фудбал, постојано беше дел од југословенскиот крем, а со екипата на БМВ го освои тогаш познатиот турнир на „Вечер“ во конкуренција на над 700 екипи.

„Во финалето го победивме моќниот тим на ЈСП Скопје, а ми се чини дека за нив тогаш играа Јовче Џипунов и Саша Ќириќ. Тогаш тие турнири во мал фудбал предизвикуваа вистинска фудбалска грозница во Македонија. Во финалето во Автокоманда на трибините беше преполно со околу 5 илјади гледачи и можеби и двојно повеќе останаа пред салата бидејќи веќе немаше билети. Имав успеси и си Повторувачи, мојата маалска екипа со многу фудбалски мајстори за мал фудбал и со познатите Грамоси. Со нив настапувавме и на државното првенство на Југославија, а се сеќавам дека на турнирот во Скопје бев најдобар стрелец и прогласен за најдобар играч“, е дел од малку поинаква приказна што ја раскажува Андовски.

Интересен момент од кариерата за него, за жал без хепиенд, е пропуштениот историски прв меч на репрезентацијата на Македонија во Крањ против Словенија.

ЖАЛ ЗА КРАЊ, ПОВРЕДАТА ГО СПРЕЧИ ДА ИГРА НА ИСТОРИСКИОТ МЕЧ НА МАКЕДОНИЈА

Андовски беше на подготовките во Крушево пред првиот натпревар на Македонија откако станавме независна држава, но се повреди и не отпатува за Крањ.

„Игравме пријателски меч со Питу Гули и, за жал, се повредив. Можеби и немаше да играм против Словенија од почеток, но ќе имав минутажа и ќе бев дел од репрезентацијата што запиша историски прв меч од самостојноста. Победивме со 4:1, јас ја пропуштив шансата да бидам дел од тој тим, но сега верувам дека сите заедно нема да пропуштиме шанса да се радуваме на успех и пласман на Европско првенство. Имаме огромна шанса да го оствариме сонот на сите во Македонија и со победа против Грузија да патуваме на големо натпреварување. Имаме и квалитетна репрезентација со добри играчи и убава атмосфера и поддршка од сите и верувам дека ќе успееме во обидот да се пласираме на ЕП“, завршува со фудбалскиот дел од приказната нашиот гостин.

Подготви и хуманитарен тикет, а вели дека добивката ќе ја намени за помош на децата што имаат потреба за компјутери во услови кога во пандемија со ковид-19 има потреба од следење настава онлајн.

Хуманитарниот тикет на Арсо Андовски

Евертон – Ливерпул ГГ (1.53)

Челзи – Саутемптон 1&T1 (1.75)

Манчестер сити – Арсенал ГГ (1.58)

Њукасл – Манчестер јунајтед ГГ&3+ (2.12)

Наполи – Аталанта ГГ (1.43)

Интер – Милан Х (3.40)

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести