Лавот од Ѓорче Петров со меко срце – Специјален хуманитарен тикет на Боби Божиновски

Боби Божиновски е долговечното фудбалско момче во нашата Прва лига, лидер на Македонија Ѓорче Петров и фудбалски Лав што игра импресивно и на 39-годишна возраст.

Чекори по патот на познатата максима со виното, „Колку е повозрасен, станува сè подобар“, а потврда е местото во Топ-10 на листата со најдобри стрелци во последните две сезони. Почитуван од противниците, без ниту една дамка во дводецениската кариера, плејмејкерот на Македонија Ѓ.П сè уште е меѓу најдобрите играчи во нашата Прва лига.

ЛАВОТ СО МЕКО СРЦЕ – БЕЗ РАЗМИСЛУВАЊЕ СЕ ВКЛУЧИ ВО АКЦИЈАТА ДА МУ СЕ ПОМОГНЕ НА ЃОРЃИ

Капитенот на Македонија Ѓ.П. ни е гостин во акцијата „Состави хуманитарен тикет“ со Sport Life и Спорт Манија, а Боби нема дилеми дека тикетот што го состави е специјален и добивката ќе ја намени за помош на Ѓорѓи Џонов, фудбалерот кому му се неопходни околу 100.000 евра за итно лекување во Турција.

„Ме радува што акцијата за помош на Ѓорѓи е многу масовна и што ја прифатија сите, и спортистите и обичните луѓе. Се надевам дека хуманитарниот тикет ќе биде добитен за да помогнеме со дел од парите што се неопходни за лекувањето на Ѓорѓи“, вели Божиновски.

Нема посебен рецепт како објаснување за импресивните игри во нашата Прва лига и на залезот на четвртата деценија од животот, освен спортскиот стил на живот.

„Дома веќе ми велат дека е доста и искрено понекогаш е тешко да се следи темпото со помладите. Но, кога ќе излезам на терен, заборавам на сè, фудбалот сè уште има магија за мене како активен играч. Сè уште можам да се носам со помладите, физички и психички сум максимално подготвен. Секогаш си велам, ајде уште оваа сезона, да му помогнам на тимот да игра во Европа, но потоа повторно ме влече бубамарата. Алкохол не сум пиел никогаш, веќе 11 години немам вкусено ниту капка, освен за да наздравам на семејни прослави. Живеам спортски и тоа е можеби рецептот за моите настапи и во години кога многумина се откажале од фудбалот“, додава одличниот играч од средниот ред на популарните Лавови од Ѓорче Петров.

ПОЛСКИОТ ГИГАНТ ПАДНА, ДУЕЛИТЕ ПРОТИВ МЕКАРТИ, СЕВИЏ, ПЕДЕРСЕН, САМБА И МОЌНИТЕ РОВЕРС НЕ СЕ ЗАБОРАВААТ

Матичен клуб му е Вардар, а играше уште за 7 македонски клубови и има две интересни авантури во странство. Во 2006 година со Дејан Милошевски во пакет заминаа на далечниот Север на Европа, во Литванија.

„Играв за Цементарница и тогаш соиграч ми беше Прудников, кој ми предложи трансфер во Ветра во Литванија. Прифатив и со Дејан Милошевски заминавме во новиот клуб. Тоа беше неизвесна авантура и за малку фалеше да се вратам веднаш. Првите три недели ги минав во хотел, а морав дури сам да си ги перам алиштата. Таму нема економ што ќе се грижи за сè, па принудно се научив и работи што дотогаш не ги правев. Издржав и минав интересна година во клуб што имаше солидни резултати. Во двомеч од Интертото купот успеавме да го елиминираме полскиот гигант Легија, а потоа награда ни беше двомечот со англиски Блекбурн. Тогаш популарните Роверс беа меѓу најдобрите екипи во Премиер лигата со играчи од калибарот на Бени Мекарти, Роби Севиџ, Мортен Гамст Педерсен, Самба, Тугај, Бентли, Ворнок… Им бранеше и Бред Фридел, а ние уживавме во двомеч со моќен тим“, раскажува Божиновски.

Блекбурн беше пресилен за литванскиот тим и се пласира во следната рунда, но добриот настап на Божиновски не остана незабележан.

„Ми пратија снимка од првиот меч, кога навистина одиграв добро, иако тоа беше ѓаволски тешко против пргав играч каков што беше Севиџ. Англиските коментатори ме прогласија за најдобар играч на Ветра на првиот меч во Вилнус. И веднаш по двомечот со Блекбурн, добив понуди од Торпедо Москва и од Корона Кјелце. Со тренерот на Ветра заминавме за Полска, но трансферот се изјалови. Од Ветра не ми кажаа дека бараат обесштетување за трансфер, па без да знам, си ја кажав реалната цена на состанокот со првите луѓе на Корона. Целиот трансфер излезе прескап, па наместо во Полска, останав во Литванија, но се преселив во Судува. Неодамна ме контактираа луѓе од Литванската федерација за да ме информираат дека заедно со Милошевски сме во монографијата како дел од најдобрите странци што играле во Литванија. Сè на сè имам убави спомени од настапите во оваа земја“, е делот од литванската приказна на Божиновски.

ФУДБАЛСКА ЕГЗОТИКА ВО КАЗАХСТАН ЗА КРАЈ НА ИНТЕРНАЦИОНАЛНАТА КАРИЕРА

Потоа следуваше уште една интернационална епизода во Казахстан, како фудбалер на Локомотив Астана, но далечните дестинации се тешки, па Божиновски се врати во Македонија во 2012 година и оттогаш игра во нашата Прва лига.

„Казахстан е интересна земја, егзотична дестинација и фудбалот кај нив кога јас играв таму, почна рапидно да напредува. Во тој период Актобе беше локомотивата што го влечеше фудбалот напред, а потоа се приклучија Шахтар Караганди, Астана и уште неколку клубови. Имаат одлична инфраструктура, вложуваат многу во фудбалот и резултатите им се очигледни. Астана е редовен учесник во Лигата на шампионите или во Лигата на Европа, а и другите клубови се приклучуваат. Сепак, долгите патувања за натпреварите на далечни дестинации во Казахстан и особено временската разлика од 6-7 часа почнаа да ми пречат и одлучив да се вратам дома“, има уште една интересна фудбалска приказна сегашниот капитен на Македонија Ѓорче Петров.

На домашен план Лавовите добро туркаат сезонава и моментно се на третото место во македонската Прва лига. Се игра во ритам среда-недела, но Божиновски не се жали.

„Амбициите ни се да обезбедиме настап во Лигата на Европа. Клубот е добро организиран, нема императив и токму тоа, дополнето со квалитетот и прекрасната клупска атмосфера, ни овозможи да сме добропласирани по 14 кола. Претрпевме висок пораз од Шкендија, екипа што ни е најтежок ривал, но ќе се вратиме посилни. Се надевам дека и ќе се радуваме на успех на крајот на сезоната и ќе бидеме учесници во европските купови“, додава 39-годишниот плејмекер на третопласираната екипа во ПМФЛ.

ГОЛОТ НА ПАНДЕВ ВО ТБИЛИСИ ДОНЕСЕ БЕСКРАЈНА РАДОСТ – НА ЕП ОДИМЕ ДА УЖИВАМЕ И ДА ПОБЕДУВАМЕ

За крај неизбежна тема е историскиот успех на македонската репрезентација и пласманот на Европското првенство што ќе се игра идната година.

„Заедно со Томе Китановски, кој по мечот со Грузија доби повик да игра за репрезентацијата, го следевме мечот што се играше во Тбилиси. Не попусто велат дека е потешко да гледаш отколку да играш. Седевме како на трње цел меч, а кога Пандев го даде голот, експлодиравме од радост. Момците апсолутно заслужија да играат на Европско првенство, а радоста што се случи потоа во цела Македонија само ја потврди моќта на фудбалот и воопшто на спортот. Очекувам и на ЕП идната година да одиграат уште подобро. Не сме фаворити, ќе бидеме релаксирани, без притисок, а оваа репрезентација предводена од Пандев има и квалитет и хемија и одлична атмосфера да биде изненадување на шампионатот. Очекувам да победиме некого, верувам во успешен настап и сите заедно да уживаме во едно големо натпреварување, за среќа, со Македонија како учесник“, заврши Божиновски.

 

 

- Оглас -

Најнови вести