МЗТ Скопје му одржа лекција на Маџари и поведе во финалната серија

Најтрофејниот кошаркарски клуб во Македонија, воедно и бранител на титулата, МЗТ Скопје, со победа над дебитантот Маџари ја отвори финалната серија од разигрувањето за шампион на Македонија. „Штрковите“ од Аеродром победија со 84-77 и поведоа со 1-0 во серијата „подобар од пет“.

Дебитантот имаше сили само за една четвртина, онаа првата, која ја добија со убедливи 18-26, но во продолжение од мечот на теренот постоеше само една екипа – МЗТ Скопје.

Екипата од Аеродром брзо направи пресврт во втората четвртина и го презеде водството, кое не го испушти се до самиот крај на мечот. Кошаркарите на МЗТ Скопје на полувремето заминаа со водство од 45-40, а во третиот период додадоа уште три поени, со оглед дека ја добија четвртината со 24-21.

Маџари во последниот период успеа само да внесе неизвесност, но и тоа траеше кратко, па МЗТ Скопје го доби мечот со 84-77.

Томи Луис од поразената екипа со 27 поени беше убедливо најефикасниот кошаркар на мечот, додека најмногу поени во составот на МЗТ Скопје уфрли Андреј Маслинко – 17.

Вториот меч од финалната серија помеѓу МЗТ Скопје и Маџари ќе се одигра во среда со почеток во 18 часот и повторно во СЦ „Јане Сандански“.

- Оглас -

Најнови вести