Време е за славниот Боксинг деј – Ќе фалат навивачите, 57 години се чека реприза на божиќното чудо

Време е за славниот Боксинг деј во Велика Британија, а 26 декември традиционално на Островот се празнува со фудбал. Од елитен со мечеви во Премиер лигата, па се до најнизок ранг денеска ќе се празнува фудбалскиот ден за подароци.

Сепак ова ќе биде по малку и тажен славенички ден, бидејќи ќе нема публика, за првпат во историјата на фудбалскиот Боксинг деј, а причината е позната, пандемијата со Ковид-19.

Сепак, фудбалот денеска ќе биде подарок за сите приврзаници на најважната споредна работа на светот, а на овој ден, на 26 декември бубамарата во Велика Британија се тркала веќе 120 години.

Во минатото многу се внимавало фудбалските дуели да бидат меѓу екипи што се во близина, за да може и публиката и фудбалерите веднаш по мечевите да го прослават денот со своите најблиски, но сега е малку поинаку. Комерцијализацијата на Премиер лигата, која по многу работи е број 1 во светот, ги смени правилата на игра, но традицијата да се игра фудбал на 26 декември како најубав подарок за навивачите е задржана.

Особено сега во услови кога нема да има навивачи на трибините, ТВ преносите и ТВ правата се главниот извор на заработка на клубовите од Англија.

Низ историјата имало возбудливи кола за Боксинг деј, но како специјален термин се памети 26 декември во 1963 година. На тој Боксинг деј се случи нешто неповторливо, а беше постигнат апсолутен рекорд. На 10 меча кои се одиграа во елитната англиска лига, вкупно беа постигнати 66 погодоци, односно 6,6 по меч. Оттогаш, па досега такво нешто не се повторило.

Пред 57 години имаше неверојатни резултати, што се граничат со светско чудо, а предничеа Фулам со триумф од 10:1 против Ипсвич, потоа и Блекбурн со победа од 2:8 во Лондон против Вест Хем, а впечатлив е и успехот на Барнли и победата од 6:1 против големиот Манчестер јунајтед.

Или се заедно беа постигнати 66 погодоци во фантастичното Боксинг деј коло во 1963 година.

Можеби денешните дуели ќе приредат ново гол-шоу, а почетокот на фудбалскиот ден за подароци е со мечот меѓу Лестер и Манчестер јунајтед од 13.30 часот.

Ќе играат и Астон вила со Кристал Палас и Фулам против Саутемптон од 16 часот, а празничната програма во Премиер лигата ќе ја продолжат Арсенал и Челзи од 18.30 часот, а ќе ја завршат мечевите меѓу Манчестер сити и Њукасл и Шефилд јунајтед против Евертон од 21 часот.

Празничното 15-то коло во Премиер лигата ќе заврши утре, со уште четири натпревари, а ќе биде најчудното во долгата фудбалска историја на Велика Британија, без гледачи на трибините.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести