Ангеловски има верба во јунаците што изборија пласман на ЕП

Игор Ангеловски не отстапува од својот концепт кој се покажа добитен за Македонија и ги одбра стандардните репрезентативци, кои го изнесоа најголемиот товар на патот до историски успех и пласман на првото големо натпреварување.

Ќе играме на Европското првенство од 11.јуни до 11. јули годинава, но претходно не чекаат три квалификациски дуели месецов, против Романија, Лихтенштајн и Германија за настап на Светското првенствов Катар идната година.

Денеска популарниот Мрме го објави списокот со 26 фудбалери за овие три меча и го образложи својот избор и покрај критиките на дел од јавноста за повик за дел од играчите кои не играат за своите клубови.

„Списокот е составен од играчи кои беа дел од репрезентацијата веќе подолг период. Може да се забележи дека 99% од повиканите играчи се оние истите кои претходно го понесоа товарот, играа во Лигата на нации и квалификациите за ЕП и успеаја да ѝ го донесат историскиот успех на Македонија со пласманот на Европското првенство за прв пат во својата историја во сениорска конкуренција, нешто на кое чекавме од нашата независност.

Како човек и како селектор, никогаш не би му го одземал правото на некој да биде дел од националниот тим, а  тоа да го заслужува и со односот кон репрезентативниот дрес и со постигнатите резултати преку повеќегодишна макотрпна работа“, изјави Ангеловски.

Квалификациите за СП 2022 ќе ги почнеме против Романија во Букурешт на 25. март, три дена подоцна Лихтенштајн ќе ни биде гостин во Скопје, а за крај на мартовскиот циклус ќе играме против четирикратниот светски првак Германија на 31. март во Дуизбург.

 

- Оглас -

Најнови вести