Творецот на навивачката химна за ЕП: Ова навистина е остварување на нашиот сон од детство

Меѓу неколку илјадниците македонски навивачи во Букурешт го сретнавме и Саше Љолес. Тоа е човекот кој е творецот на македонската фудбалска химна за Европското првенство, „Одиме на Европско првенство“. Песната која е наменски направена за историскиот прв настап на Македонија на едно големо натпреварување, за брзо време стана хит и веќе се пее низ Букурешт.

Дури и на Националната арена во Букурешт пред почетокот на првиот меч против Австрија ечеше песната „Одиме на европско првенство“. Љолес вели дека со доаѓањето во Букурешт, навистина му се има исполнето детскиот сон.

„Прекрасно е да се биде дел од овој историски настап. Мило ми е што има толку многу навивачи кои едноставно уживаат во овој настан. Ова е навистина остварување на нашиот сон“, вели Саше, кој „грмеше“ од трибините на мечот против Австрија.

ВИС Рисови е бендот кој го испеа хитот „Одиме на Европското првенство“, а вокали се Љолес и Петар Младеновски, познат како Пеце Суперхикс. Двајцата во неделата беа на трибините на Национална арена во Букурешт, каде што се пушти и фудбалскиот хит, и тоа непосредно пред да почне средбата, додека се загреваа фудбалерите.

„Посебно чувство е кога ќе ја слушнете вашата песна на едно вакво големо натпреварување. Потоа и кога ја слушнав химната на Македонија. Тоа е посебно емотивно чувство. Жал ми е што не победивме против Австрија, но верувам дека на дуелот против Украина ќе бидеме поуспешни. Ако против Австрија го дадовме историскиот прв гол, зошто да не се случи против Украина да стигнеме до историската прва победа“, додава Љолес, кој ужива во фудбалската еуфорија во Букурешт и со нетрпение го очекува дуелот против Украина в четврток.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести