Потпретседателот на Суринам Рони Брунсвијк се најде во центарот на спортското внимание откако пред неколку дена истрча на теренот и на 60 години дебитираше во меч од КОНКАКАФ лигата. Брунсвијк со капитенската лента од тимот на Интер Монготапое чиј е сопственик, играше 53 минути во дуелот против Олимпија од Хондурас.
Ова деби на Брунсвијк предизвика посебно внимание, но тој не им помогна на своите соиграчи, па гостите од Хондурас лесно победија со 6:0. Иако Олимпија лесно го доби овој меч, екипата од Хондурас е дисквалификувана од натпреварувањето и тоа поради Брунсвијк.
По завршувањето на мечот, на видео снимка се гледа како потпретседателот на Суринам влегува во гостинската соблекувална и дели пари, а противничките играчи со задоволство ги прифаќаат финансиските подароци. Тоа е против правилата на КОНКАКАФ лигата (второто по квалитет натпреварување во Средна и Северна Америка), па двата клуба се исфрлени од натпреварувањето, а Брунсвијк заработи суспензија од три години во фудбалот.
Брунсвијк е некогашен герилски водач од 80-тите години на минатиот век, а сега е втор човек во Суринам.
Според американските медиуми, Брунсвијк бил и осомничен за повеќе грабежи на банки, а се претпоставува дека е татко на најмалку 50 деца. Во Европа се бара за трговија со дрога, но и покрај сите овие лоши работи од неговото минато, тој е еден од омилените личности во земјата.
Во една ситуација тој беше забележан како со хеликоптер надлетува над најсиромашните делови од земјата и фрла пари на земја. Сега поради исто такво расфрлање со пари си доби суспензија од три години во фудбалот, а и противниците кои ги прифатија парите се дисквалификувани.