Во хаотична трка во Мајами, Антонели стигна до хет-трик

Кими Антонели со Мерцедес славеше на Големата награда на Мајами, потврдувајќи дека е доминантен возач во моментов во Ф1 шампионатот. За Антонели ова е трета победа по ред и сега се зацврсти на лидерското место во генералниот пласман со 100 поени, 20 повеќе од неговиот клупски колега Расел на второто место. а потоа следуваат Леклер со 63 поени и Норис со 51 поен.

Во хаотичната трка во Мајами, која беше обележана со драматичен старт, безбедносно возило и дожд, второто место го освои Ландо Норис од Мекларен, додека трет беше неговиот тимски колега Оскар Пјасти, кој го престигна Шарл Леклер во последниот круг и го остави Ферари без место на подиумот.

Иако стартуваше од пол-позицијата, Антонели имаше лош старт и веднаш го загуби водството. Шарл Леклер со  Ферари го искористи дуелот со Ландо Норис и изби на првото место. Најголем губитник на стартот беше Макс Верстапен, кој се изврте и падна од второто на деветтото место.

Трката беше прекината во шестиот круг со распоредувањето на безбедносното возило откако Исак Хаџар и Пјер Гасли, излетаа од патеката и завршија во ѕидот. Двајцата возачи избегаа без никакви последици, но трката за нив беше завршена.

Макс Верстапен го искористи периодот со безбедносното возило за да оди во боксот за тврди гуми. Во десеттиот круг, додека Леклер водеше пред Норис и Антонели, тимовите добија информации дека се очекува краткотраен дожд за дваесет минути, што донесе дополнителна неизвесност. Откако безбедносното возило беше повлечено во 11-тиот круг, трката продолжи. Ландо Норис го зголеми притисокот врз Леклер и успеа да го престигне во 14-тиот круг. Веднаш потоа, возачот на Ферари беше престигнат од Антонели, па Леклер падна од првото на третото место за краток временски период.

Проблемите за Ферари продолжија. Откако замина во боксот во 22-риот круг, Леклер се врати на патеката на 12-то место, зад Џорџ Расел. Видно фрустриран, тој побара објаснување од тимот преку радио. „Зошто ме повикавте? Следниот пат, вклучете ме во дискусиите“, му рече на тимот.

Во 26-от круг, Норис пријави дека почнува да врне, што предизвика редица на застанувања во боксот. Откако водечките возачи, вклучувајќи ги Норис, Антонели и Пјастр, ги направија своите промени на гумите, редоследот повторно беше измешан. Во 29-от круг, Антонели се врати на водство со престигнување на Верстапен, кој веднаш беше престигнат од Норис. Сепак, прославата за Мерцедес можеше да биде краткотрајна бидејќи Антонели пријави проблеми со менувачот во 33-от круг. И покрај проблемите, Антонели успеа да го задржи водството пред Норис.

Следната трка ќе се вози за Големата награда на Канада на 24 мај.

- Оглас -

Најнови вести