Го направи хитот „Одиме на Европско првенство“, сега типуваше за хуманитарен тикет вреден над 1.000 евра

Новата сезона на „Хуманитарен тикет со Sport Life“ ја започнуваме на најдобар можен начин, во репрезентативен викенд, кој може многу да значи за тоа дали Македонија ќе остане со шанси за пласман на Светското првенство во Катар следната година.

Нашата најдобра репрезентација вечерва гостува кај Лихтенштајн, противник кој досега лесно сме го победувале, па реално е и сега да очекуваме три бода. Дуелот на годината е в понеделник, на празникот 11 Октомври, кога Македонија на арената „Тодор Проески“ ќе игра против четрикратниот светски првак Германија.

Македонија летово за првпат играше на едно големо натпреварување. Бевме дел од Европското првенство, каде што одигравме три меча. Во Букурешт игравме против Австрија и Украина (порази 1:3 и 1:2), а потоа во Амстердам загубивме и од Холандија со 3:0.

И покрај трите порази, Македонија се вметна на фудбалската мапа на најдобрите, а освен на фудбалски план, имавме и музичка промоција. На стадионите во Букурешт и Амстердам грмеше навивачката песна „Одиме на Европско првенство“, направена специјално за овој голем настан.

Идеен творец на песната која стана фудбалски хит е Саше Љолес, кој само за неколку моменти добил инспирација за песната, ја напишал, а потоа останато е историја. Таа грмеше на континенталниот собир. Сега токму Саше е нашиот прв гостин за правење Хуманитарен тикет со Sport Life.

„Мило ми е што покрај Македонија на фудбалскиот терен, имавме деби и на музички план на Европското првенство. Песната беше наменета за тој турнир и посебно бев горд што можеа да ја слушаат илјадници навивачи на стадионите во Букурешт и Амстердам. Лично присуствував на двата меча во Букурешт и доживувањето беше прекрасно. Голем број македонски навивачи создадоа прекрасна атмосфера, имаше одлична енергија, а единствено штета што не освоивме некој бод“, се присетува Љолес на историските мечеви за Македонија летово.

По настапот на ЕП, Македонија сега е со шанси да се пласира и на Светското првенство во Катар. Нашите најдобри фудбалери вечерва играат на гости кај Лихтенштајн, а в понеделник е спектаклот против Германија. Саше верува дека имаме шанси да бидеме дел и од планетарниот собир, а за тој настан некој од другите наши музичари што ќе имаат инспирација, да напишат уште еден фудбалски хит.

„Очекувам Лихтенштајн да го победиме лесно, и тоа без да примиме гол. Против Германија ќе биде многу тешко. Иако еднаш веќе ги победивме, сега тие се во ново светло, имаат нов селектор и сега ќе бидат многу попретпазливи во дуелот со нас. Верувам дека можеме да се пласираме на Мундијалот во Катар, имаме четири меча до крајот од квалификациите коишто мора да ги одиграме многу добро“, оптимист е Љолес, кој сепак жали што не победивме барем против Исланд во претходните три меча.

„Штета што во претходните три дуели не освоивме повеќе бодови, посебно против Исланд, но додека имаме шанси, мора да веруваме и да се надеваме дека ќе играме во Катар. Ако се пласираме на СП, верувам дека ќе имаме и нов музички фудбалски хит за Мундијалот“, додава Љолес, кој како голем фудбалски фан знае и да одигра тикет во обложувалница, а најголемите добивки му се малку над 500 евра.

„Играм во обложувалница повремено, за забава. Сакам да играм на голови, тоа се моите омилени игри. Имам неколку добивки над 30.000 денари. Моите омилени клубови се Интер и Манчестер јунајтед, а, секако, со најголемо внимание ги следам настапите на Македонија. Затоа и на овој тикет ќе одиграм дека дуелот меѓу Македонија и Германија повторно ќе има голови на двете страни како што беше во Дуисбург, а се надевам дека повторно резултатот ќе биде во наша корист“, вели музичарот, кој најави дека доколку тикетот е добитен, добивката ќе биде наменета за оние кои им е најпотребно, а тоа се децата во Домот без родители.

 

- Оглас -

Најнови вести