Шпанија доби херој каков што беше Бо Мекејлеб за Македонија

Шпанија се пласираше во финалето на кошаркарското еврошампионат иако малкумина тоа го очекуваа од Црвената фурија. Шпанците на континенталниот собир дојдоа без неколкумина стандардни кошаркари и едноставно не беа во кругот на фаворити за медал, но челниците на федерацијата пред два месеци направија еден потег кој се покажа како повеќе од исправен.

Американецот Лоренцо Браун доби покана да заигра за шпанската репрезентација, иако тој претходно никогаш ниту живеел, ниту играл во оваа земја. Браун се согласи да добие шпански пасош. 

Селекторот на Шпанија Серџо Скариоло, во Браун виде играч кој треба да биде на местото на пензионираниот  Серхио Родригез и повредениот  Рики Рубио. Од јавноста во Шпанија имаше реакции зошто се носи кошаркар кој нема никаква поврзаност со Шпанија, ниту играл во таа земја, но ако се видат резултатите на Црвената фурија и пласманот во финалето на ЕП, јасно е дека овој потег бил повеќе од исправен.

Во вчерашното полуфинале против Германија во Берлин, Браун блесна и беше најзаслужен за победата над домаќинот на ЕП. Натурализираниот Шпанец постигна 29 поени, а имаше и шест асистенции и два скока и на крајот заслужено ја доби наградата за најдобар играч на мечот.

Едноставно оваа приказна за Браун и Шпанија потсети на тоа што го направи Македонија пред Европското првенство во 2011 година во Литванија. Во нашиот состав беше повикан Лестер Бо Мекејлеб, Американец кој со Македонија немаше никаква допирна точка, но на континентлниот собир пред 11 години едноставно беше незадржлив за противниците.

Единствената разлика меѓу Браун и Мекејлеб е тоа што Браун пред да добие шпански пасош барем имаше слушнато за Шпанија, додека Мекејлеб пред да го добие македонскиот пасош, откри дека немал слушнато ништо за Македонија.

Со Мекејлеб во тимот, Македонија направи чудо и стигна до полуфиналето на ЕП 2011 година.

- Оглас -

Најнови вести