Пред клучниот меч, Шалке најмногу се плаши од своите навивачи

Екипата на Шалке би можела да обезбеди враќање во Бундеслигата следниов викенд, но во клубот постои голема загриженост пред клучниот натпревар. Според „Билд“, од клубот стравуваат дека нивните навивачи би можеле масовно да втрчаат на теренот ако ја победат Фортуна Дизелдорф, нешто што клубот сака да го избегне по секоја цена.

За Кралските сини, евентуалното втрчување на навивачите на теренот би можело да биде „кошмарно сценарио“. Не толку одамна, односно во 2022 година, Шалке обезбеди промоција со драматична победа од 3-2 над Сент Паули откако губеше со 0-2, а голем број фанови втрчаа на теренот.

Еуфоријата по таа победа беше краткотрајна бидејќи девет лица беа сериозно повредени во хаосот што се случи на теренот. Висок полициски службеник подоцна го опиша инцидентот како „ситуација што речиси се претвори во катастрофа“.

Од Шалке објавија дека ако навивачите го игнорираат предупредувањето, веднаш ќе ја прекинат прославата, а играчите и персоналот ќе се повлечат директно во тунелот. За да се спречи влегувањето на теренот, бројот на редари и полицајци на стадионот значително ќе се зголеми. Портпаролот на полицијата, Томас Новачик, индиректно го потврди ова за „Билд“: „Клубот има намера да преземе мерки за да ја осигури безбедноста на сите и да спречи влегување на теренот. Ние сме во состојба на готовност на стадионот за да ја елиминираме секоја опасност, но ќе интервенираме само доколку постои закана по животот и здравјето. Наш главен приоритет е да спречиме повреди.“

Влегувањето на теренот ќе значи финансиски удар за Шалке затоа што многу веројатно е дека тревата ќе биде оштетена и ќе мора да се направи промена во пресрет на последното 34-то коло против Ајнтрахт Брауншвајг, а тоа би можело да чини и до 250.000 евра.

Сепак, тоа сценарио засега останува хипотетичко бидејќи Шалке прво мора да ја победи Фортуна, која се бори да не испадне во трета лига.

- Оглас -

Најнови вести