Тренерите на Академија Пандев и Македонија Ѓорче Петров најавуваат отворен фудбал

Тренерите на Академија Пандев и Македонија Ѓорче Петров се оптимисти во пресрет на утрешното финале на фудбалскиот Куп на Македонија. Средбата почнува во 18.30 часот, на националната арена „Тоше Проески“ во Скопје.

Ова е 27-мо финале во историјата, а титулата од лани не успеа да ја одбрани Шкендија, па трофејот од Купот ќе добие нов сопственик. „Лавовите“ од Ѓорче Петров ја бркаат втората титула во ова натпреварување, а пандевци немаат трофеј и може да испишат историја.

Шефот на стручниот штаб на струмичани, Југослав Тренчовски, истакна дека градот Струмица заслужува да се радува.

„Ова е нов предизвик за нас. Како клуб сме неискусни, но имаме искусни играчи. Ќе дадеме се од себе, подготвени сме и се надевам дека ќе победи фудбалот. Струмица е фудбалски град, многу фудбалери поминале низ неа, ова е прво финале за Струмица, на што ние сме посебно горди. Разговарав со Горан Пандев, ќе имаме посебна премија ако победиме“, изјави Тренчовски.

Тренерот на ѓорчепетровци, Александар Таневски, посакува пехарот од Купот на Македонија по вторпат да се дојде во витрините на клубот. Македонија ЃП има две финалиња и скор 1-1. Победија во 2006, а загубија три години подоцна. Во поразот од Работнички во 2009, кај Работнички играше и клучен гол даде Сашко Пандев, сегашниот играч на Академија П.

„Двете екипи играат отворен фудбал. Го посакуваме трофејот, затоа што ова е единствена шанса да освоиме пехар. Дојде време да го вратиме пехарот во нашите витрини. Ги добивме сите важни натпревари што ни беа потребни, искуството е на наша страна, имаме играчи со четири-пет финалиња. Нема да го менуваме стилот на игра, тој ни носи успеси“, – најави Таневски.

- Оглас -

Најнови вести