Со вчерашниот пораз на гостувањето кај Леванте, Реал Мадрид ја препушти лидерската позиција на Барселона во шпанскиот шампионат по 25 кола. Поразот стигна во најлош можен момент, на една недела пред второто овосезонска „Ел Класико“ во кое домаќини ќе бидат Кралевите.
За големото дерби Зидан нема да смета на Еден Азар, кој повторно се здоби со повреда на зглобот и за него најверојатно е завршена сезоната. Но, проблемите за францускиот стратег не завршуваат тука. Шпанските медиуми тврдат дека капитенот Серхио Рамос може да добие суспензија поради што упати тешки критики кон судијата Ернандес Ернандес.
Рамос се бунеше што судијата Ернандес во два наврати не досуди пенал за Кралевите поради игра со рака, а без влакна на јазикот ја прокоментира арбитражата и пред камерите.
„Со овој судија не сум изненаден. Порано арбитрите имаа поголем респект кон нас капитените, а сега не можеш да им се доближиш, уште помалку да зборуваш. Капитените се тука да помагаат на судиите да се разрешат спорни ситуации, но однесувањето на Ернандес беше арогантно. По мечот го прашав дали има некој личен проблем со мене бидејќи едно нешто не ми беше јасно. По 10 минути игра ми додели жол картон за без потреба, си помислив дека таа одлука му е однапред планирана“, истакна Рамос по мечот.
Првото „Ел класико“ заврши без голови, а претстојното е закажано на 1 март во 21 часот.