Ваков очај Манчестер нема доживеано речиси 50 години!

Манчестер јунајтед на својот „Олд Трафорд“ претрпе пораз во дербито од Арсенал со 0:1. Пјер-Емерик Обамејанг погоди од пенал во второто полувреме за прва победа на Топчиите на теренот на големиот ривал.

„Олд Трафорд“ сезонава воопшто не е предност за домашниот тим. По првите четири меча на свој терен, Манчестер има освоено само еден од можните 12 бодови. Освен поразот од Арсенал, Црвените ѓаволи дома загубија и од Кристал палас со 1:3 и од Тотенхем со 1:6. Единствениот бод Манчестер на свој терен сезонава го освои против Челзи играјќи 0:0.

Последен пат кога Манчестер бил без победа на првите четири првенствени меча во Англија било во 1972 година. Тогаш Јунајтед завршил на 18-тото место на табелата, а лигата броела 22 клуба, што значи дека едвај се спасил од испаѓање.

Кога се однесува за мечевите од формирањето на Премиер лигата, Манчестер само во две сезони имал повеќе од три порази дома. Во сезоните 2001/02 и 2013/14, Јунајтед завршувал со четири порази на домашен терен. Сега само од четири средби веќе трипати капитулираше.

За разлика од Премиер лигата, Манчестер во Лигата на шампионите на „Олд Трафорд“ одигра блескав меч и со 5:0 го растури Лајпциг.

 

- Оглас -

Најнови вести