Данска сигурно чекори кон Катар и речиси сигурно ќе биде учесник на Мундијалот идната година, откако вечерва го декласираше Израел со 5:0.
Данците држат фудбалски лекции во Ф групата и со шест победи и гол-разлика од 22:0 се убедливо први на табелата со 18 бода, дури 7 повеќе од второпласираната Шкотска.
Храбрите срца направија подвиг во Виена и со победа од 1:0 против Австрија стасаа до 11 бода и се прв кандидат за второто место што води во бараж за настап на СП во Катар.
Голема бодовна разлика направи и актуелниот светски првак Франција по победата од 2:0 против Финска. Антоан Гризман постигна два гола, а Триколорите по шест меча имаат 12 бодови, дури 7 повеќе од Украина и Финска.
Во Зеница, БиХ ремизираше со Казахстан 2:2 и остана на четвртото место во оваа група со 4 бода.
Во соседското дерби во Сплит, Хрватска ја победи Словенија со 3:0, за комплетен реванш за поразот во Љубљана од 1:0 во март годинава.
Ливаја, Пашалиќ и Влашиќ беа стрелци за прво место во Х групата заедно со Русија. Русите ја победија Малта со 2:0 и со популарните Коцкести имаат по 13 бода, како главни конкуренти за првото место што води сигурно во Катар.
Србија прокоцка победа во Даблин против Република Ирска, откако гостите примија гол во 86. минута. Водеа со погодокот на Милинковиќ-Савиќ во 20. минута, но Никола Миленковиќ си постигна автогол за реми 1:1.
Србија има 11 бодови во А групата и е на второто место зад лидерот Португалија. Португалците го декласира Азербејџан со 3:0.
Најубедливата победа вечерва ја забележа Холандија и тоа во дербито против Турција. Лалињата славеа со неверојатни 6:1, во меч на кој Мемфис Депај постигна хет-трик, а имаше и една асистенција.