Јувентус претрпе шокантен пораз на гостувањето кај СПАЛ со конечни 2-1. Во мечот од 32-то коло „старата дама“ имаше одлична шанса да ја обезбеди осмата последователна титула во Италија, за тоа им беше потребен еден бод, но останаа со празни раце откако домаќините триумфираа со пресврт.
Екипата од Ферара за првпат по 62 години успеа да слави против гигантот од Торино, ова е втора победа во нивната историја во дуелите против Јувентус.
Во 30-тата минута младиот Кен ја продолжи голгетерската форма и донесе предност за гостите, но СПАЛ се врати во игра при стартот на второто полувреме со погодокот на Бонифази. Комплетниот пресврт го оствари искусниот Флокари во 74-тата минута.
За Јуве ова е втор пораз во Серија А сезонава, но и натаму се убедливи лидери на табелата со 84 бода, 20 повеќе од Наполи. СПАЛ направи подвиг до 13-тото место по деветтата овосезонска победа.