АБА удри по џебот на Црвена ѕвезда, Партизан, Будуќност и Цедевита

Дисциплинската комисија на АБА лигата ги казни четирите учесници во плејофот од оваа сезона. Најмногу настрада шампионот Црвена ѕвезда, а белградскиот тим ќе мора да плати 82.500 евра поради хаотичните сцени кои се случија во пресрет на финалната „мајсторка“ против Будуќност во салата „Александар Николиќ“. Во таа сума се додадени и казните за слаба организација и техничките фаули на кошаркарите.

Во новата сезона Ѕвезда нема да смета на своите навивачи во првите два домашни натпревари, додека во трите меча потоа пристап на трибините  ќе имаат само жени и деца помали од 14 години.

Вицешампионот Будуќност ќе треба да плати вкупно 42.000 евра поради немирите за време на четвртиот финален меч против Црвена ѕвезда кој се одигра во „Морача“. Од слични причини како и градскиот ривал, Партизан е казнет со 24.000 евра, а најдобро помина хрватскиот тим Цедевита, кој ќе треба да плати само 2.600 евра.

Вкупно пресметано, екипите кои сезонава се најдоа во полуфиналето од АБА лигата, ќе ја наполнат касата на шампионатот со 151.100 евра.

Од таборот на АБА тврдат дека сè уште се води дисциплинска постапка, така што можно е да има дополнителни санкции.

 

- Оглас -

Најнови вести