Лондонскиот Тотенхем официјално го потврди ангажманот на шкотскиот репрезентативец Енди Робертсон, кој на клубот му се приклучи како слободен играч по истекот на договорот со Ливерпул.
Со тоа заврши деветгодишната ера на левиот бек на „Енфилд“, каде што прерасна во еден од најдобрите играчи на својата позиција и освои бројни трофеи.
Робертсон е првото засилување за Тотенхем ова лето под водство на новиот менаџер Роберто де Ѕерби. Триесет и двегодишниот дефанзивец беше поврзуван со преселба во северен Лондон уште во јануари, но тогаш трансферот не се реализира бидејќи Ливерпул не успеа да пронајде негова замена.
Капитенот на Шкотска во својата богата кариера со Ливерпул освои две титули во Премиер лигата, Лигата на шампионите, ФА купот и два Лига купа, оставајќи длабока трага во клубот.
Неговото доаѓање е само почеток на најавената реконструкција во Тотенхем. Раководството на клубот сака да избегне нова разочарувачка сезона откако во последните две години тимот водеше борба за опстанок во елитата.
Според англиските медиуми, Тотенхем веќе има начелен договор и со аргентинскиот стопер Маркос Сенеси, додека интерес покажува и за крилниот фудбалер на Манчестер сити, Савињо.
„Енди е фудбалер кому му се восхитувам со години. Тој ќе донесе огромно искуство, лидерство и победнички менталитет. Станува збор за играч кој докажал дека може да освојува трофеи на највисоко ниво и сигурен сум дека ќе биде исклучително важен за нашиот тим“, изјави Де Ѕерби.
Откако ја реши својата клупска иднина, Робертсон сега целосно ќе се фокусира на настапот со шкотската репрезентација на претстојното Светско првенство, каде што ќе ја предводи селекцијата како капитен.

