Адеми неизвесен за настап против Гибралтар

Непосредно пред почетокот на вчерашниот дуел против Лихтенштајн, Аријан Адеми беше отпишан за настап, откако претходната вечер претрпел проблеми со срцето. Селекторот Ангеловски по мечот ги образложи причините за неговото неиграње, па сега Македонија најверојатно без Адеми ќе ја пречека селекцијата на Гибралтар во Скопје.

Ноќта пред дуелот со Лихтенштајн, Адеми имал тахикардија и несоница, по што побарал да не игра. Сепак, и покрај измените во составот, Македонија успеа да слави со 2-0, но секако победата ќе беше послатка доколку овој проблем не се појавеше.

Во составот со сигурност нема да биде капитенот Горан Пандев, кој поради жолти картони е суспендиран со еден меч неиграње и ќе мора да почека да го запише јубилејниот 100-ти настап за нашата репрезентација. Спировски исто така е во „аут“ за овој меч поради повреда на коленото, додека во тимот се враќаат Елиф Елмас и Езџан Алиоски.

Најважно е сега Адеми што побрзо да закрепне и да го надмине овој проблем до дуелот со Гибралтар, па доколку Македонија издвои нов триумф, ќе ја добијат предноста на домаќин за полуфиналето.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести