Без голови во Сараево: Босанците мислеа на Мундијалот, а ние покажавме дека не сакаме да губиме

Фудбалската репрезентација на Македонија одигра без голови против БиХ на пријателскиот натпревар во Сараево. Бојан Миовски ја имаше најдобрата шанса за нашиот национален тим, а Босанците двапати ја погодија рамката од голот на Македонија. Но, и покрај напорите на двете селекции, мечот заврши без да затресе ниту една од мрежите.


За Македонија ова е второ реми во низа, откако претходно одигравме без голови и против Република Ирска во Даблин.
Во четвртата минута беше првата опасна ситуација пред голот на Столе Димитриевски. Алајбеговиќ се ослободи со дриблинг, шутираше од 20 метри, а топката од блокот ја погоди гредата.


На возбудувања се чекаше до 30.минута. Алајбеговиќ продре по левата страна, шутираше откосо, но Столе Димитриевски одлично интервенираше.


Три минути подоцна, Бојан Миовски имаше колосална можност да донесе водство за Македонија. По грешка на одбраната на БиХ, тој излезе сам пред голманот Зломислиќ, го лобуваше луцидно, но пред гол-линијата Радељиќ со пожртвувана интервенција не дозволи да се тресе мрежата и расчисти.


Во 37.минута Гиговиќ упати силен удар од 20 метри, но Столе Димитриевски беше на вистинското место.


Пред истекот на првото полувреме, Баждар со удар со глава го погоди дирекот од голот на Столе Димитриевски, но дуелот и понатаму остана без голови.


Во второто полувреме двајцата селектори направија голем број замени, шанса добија други фудбалери, но текот на натпреварот премногу не се промени.

Во 69.минута, Ермедин Демировиќ имаше шанса, шутираше откосо од десната страна, но крај дирекот.


Босанците до крајот се обидоа да постигнат победнички гол, но одбраната на Македонија остана цврста.

- Оглас -

Најнови вести