Адвокатите повторно бараат Дани Алвеш да биде пуштен од затвор со кауција

Адвокатите на бразилскиот фудбалер Дани Алвеш, кој веќе три месеци се наоѓа во притвор во Барселона, поради наводно силување на жена во ноќен клуб во шпанскиот град, повторно побараа негово ослободување со кауција.

Адвокатите, чие прво барање за пуштање на Алвеш со кауција, во февруари беше одбиено од судот во Барселона, во новото барање наведоа дека Бразилецот „ може и сака да се брани и дека нема да го избегнува судскиот процес, односно нема да ја напушти земјата“.

Првото барање на адвокатите било одбиено токму поради ризикот од бегство на Алвеш, но сега тие предложиле фудбалерот да ги предаде двата пасоши, шпанскиот и бразилскиот, како и да плати кауција.

Ова ново барање на одбраната доаѓа откако Алвеш во понеделникот пред судот сведочеше дека сексуалниот однос бил доброволен, односно девојката се согласила тие да имаат односи.

Алвеш е обвинет за сексуален напад на девојка во ноќен клуб во Барселона на 30 декември. Според шпанските закони, доколку биде прогласен за виновен, Алвеш се соочува со максимална затворска казна од 15 години.

- Оглас -

Најнови вести