Агим Ибраими: Последната шанса мора да ја искористиме

Шкендија ќе има тешка задача да ја анулира негативата од 1:2 против Дуделанж утре, од 18 часот, на стадионот „Жози Бартел“ во Луксембург, но тетовци и немаат многу избор ако сакаат да продолжат во Европа.

„Имаме доволно квалитетен тим за да се извлечеме од незгодна ситуација. Ова ни е последна шанса за да го продолжиме престојот во Европа и верувам дека ќе ја искористиме“, изјави Агим Ибраими.

Искусниот поранешен македонски репрезентативец има одиграно многу вакви тешки мечеви во еврокуповите и ќе биде еден од главните адути на Шкендија во обидот да се поправи киксот од Скопје.

Дуделанж славеше со пресврт во Скопје и сега има многу подобра ситуација на патот кон четврт-финалето во квалификациите за настап во Лигата на Европа, но има лошо искуство со нашите екипи.

Вардар и Работнички во квалификиски циклуси за пласман во Лигата на шампионите го имаат елиминирано Дуделанж во сезоните 2002/03 и 2006/07, па сега Шкендија ќе се обиде да направи подвиг и македонски хет-трик со елиминација на клубот од Луксембург.

- Оглас -

Најнови вести