Ајнтрахт замената за Јовиќ ја најде во Белград

Ајнтрахт Франкфурт ја одреди замената за Лука Јовиќ, кој вчера и официјално беше претставен за нов играч на Реал Мадрид. Неговиот трансфер вредеше 65 милиони евра, а бундеслигашот од таа заработка ќе потроши околу четири милиони евра за неговата замена.

Имено, Ајнтрахт испрати понуда за талентираниот голгетер на Црвена ѕвезда, Дејан Јовелиќ, а во веќе споменетата сума има и дополнителен еден милион евра доколку фудбалерот запише 20 настапи во новата сезона. Јовељиќ е производ на фудбалската школа на српскиот првак, исто како и Јовиќ, само што неговата евентуална преселба би била директна релација Белград – Франкфурт, наместо како што беше во случајот со новиот „галактикос“, кој заигра за Ајнтрахт откако беше позајмен од Бенфика.

Сепак, медиумите од нашиот северен сосед известуваат дека тимот од Франкфурт не е единствен заинтересиран за услугите на Јовељиќ, наводно и Хофенхајм се распрашува за него.

Доколку Ѕвезда даде зелено светло за преселба на Јовељиќ во Бундеслигата, дополнително ќе се направи простор за пристигнување на македонскиот репрезентативец Илија Несторовски на стадионот „Рајко Митиќ“, за кого „црвено-белите“ нудат околу 7 милиони евра.

Инаку, Јовељиќ дебитираше во првиот тим на Ѕвезда во сезоната 2017/18, додека изминатата реализираше вкупно 14 гола на 28 настапи во сите натпреварувања. Овие бројки се импресивни ако се знае дека фудбалерот има само 19 години.

- Оглас -

Најнови вести