Алармот се вклучи во Париз: Соиграчите спречиле тепачка меѓу Нејмар и Мбапе, Килијан бара да се продаде Бразилецот

Сезоната за ПСЖ тргна на најдобар можен начин, со освоен трофеј во францускиот Суперкуп и две големи победи од 5-0 и 5-2 над Клермон и Монпелје во Лига 1.

Сепак, атмосферата во соблекувалната е на незавидно ниво, особено по случувањата од изминатиов викенд. Мбапе се врати на терените со гол за Светците, но претходно го промаши првиот пенал против Монпелје, а потоа му се налути на Нејмар што не доби нова шанса да изведе најстрога казна, иако Бразлецот беше прецизен за разлика од голгетерот на ПСЖ.

Од обично недоразбирање настанало голем проблем. Мбапе и Нејмар се закарале толку многу што соиграчите морале да реагираат да не настане тепачка во соблекувалната по натпреварот. На крајот страстите се смириле, но француските медиуми сега тврдат дека Мбапе ја притиска управата на клубот да го продаде Нејмар до крајот на летниот преоден рок.

Иако ПСЖ на почетокот од трансфер-пазарот го стави Нејмар на трансфер-листата, немаше заинтересирани клубови кои би ја поднеле огромната плата на Бразилецот. Оттогаш Нејмар целосно го смени односот кон подобро, а добар доказ за тоа е неговиот учинок од пет гола и три асистенции на три натпревари за Парижаните во новата сезона.

- Оглас -

Најнови вести