Алегри со необична формација го состави „новиот“ Јувентус

Викендов и Серија А се враќа во полна пареа, новата сезона ќе биде отворена со неколку интересни дуели, меѓу кои и Јувентус – Сасуоло, меч кој е предвиден да се игра во понеделник навечер (20:45 часот).

Италијанските медиуми ја предвидуваат формацијата со која Макс Алегри ќе брка три бода против Сасуоло, а поставеноста на играчите е необична.

Во формација 3-5-1-1 најистурен треба да биде Душан Влаховиќ, а зад него е Ди Марија, новата аргентинска ѕвезда. Средниот ред треба да го пополнуваат Локатели, Закарија и младиот Мирети, во отсуство на повредените Погба и Мекени.

Десната крилна позиција е резервирана за Квадрадо, додека се очекува новиот играч Филип Костиќ да добие шанса од првата минута, иако вчера го комплетира трансферот во редовите на Старата дама.

Триото пред Перин е составено од Данило, Бонучи и Бремер, стоперот кој летово ги смени клупските бои и го напушти градскиот ривал Торино.

Јасно е дека ова не е најсилниот состав со кој Алегри располага. Покрај Погба и Мекени, се повреди и голманот Шченсни и нема да брани најмалку четири натпревари, односно до крајот на месецов.

Сепак, се поставува прашањето дали овој Јуве е доволно квалитетен да го напаѓа Скудетото или пореално е битка за топ 4 местата и пласман во Лигата на шампионите.

- Оглас -

Најнови вести