Димитриевски: „Пресреќен сум што го продолжив договорот со Валенсија“

Столе Димитриевски и официјално ќе биде дел од Валенсија и во следните две сезони, откако клубот од Ла Лига одлучи да ја активира клаузулата и да му го продолжи договорот. Нашиот голман преку видео порака им се обрати на навивачите на „лилјаците“.

„Пресреќен сум што го продолжив договорот со Валенсија. Немав никакви дилеми околу новата соработка, бидејќи отсекогаш бев целосно фокусиран на својата работа. Горд сум што сум дел од овој клуб. Секогаш се трудам да го дадам максимумот и да се претставам во најдобро светло. Уште кога дојдов во Шпанија зборував дека сакам да настапувам за голем клуб, а Валенсија без сомнение е еден од најголемите. Затоа сум многу среќен што останувам тука“, изјави македонскиот чувар на мрежата.

Тој се осврна и на амбициите на тимот во новата сезона, нагласувајќи дека очекува подобри резултати од минатата кампања.

„Не ги исполнивме очекувањата во изминатата сезона, но пред нас е нов почеток. Мора да бидеме посилни, поконкурентни и подобри од претходно за да ги оствариме целите што ги поставивме“, порача Димитриевски.

Македонскиот голман пристигна во Валенсија во 2024 година од Рајо Ваљекано. Во текот на минатата сезона забележа 24 настапи во сите натпреварувања, притоа седум пати ја сочува својата мрежа недопрена.

- Оглас -

Најнови вести