Алисон доби два црвени картони, а сепак остана да брани цел меч (Видео)

Бразил одигра 1:1 на гостувањето кај Еквадор во меч од квалификациите за пласман на Светското првенство, резултат од кој може да бидат задоволни двете селекции. Бразил веќе има обезбедено место на Мундијалот во Катар, но Кариоките останаа без пораз во овие квалификации, додека Еквадор се зацврсти на третото место во групата и сега треба само теоретски да го обезбеди местото на планетарниот собир.

Освен двата гола, двете екипи мечот го завршија со фудбалер помалку по исклучувањата на Домингеш кај домаќините и Емерсон Ројал во бразилската селекција.

Главниот судија уште два пати покажа црвен картон и тоа два пати на голманот на Бразил, Алисон Бекер, но тој остана во игра до крајот на средбата. Тоа е така затоа што арбитарот на два пати проверуваше преку ВАР системот дали голманот заслужил исклучувања и на два пати ја корегираше својата првична одлука за црвен картон.

Првата ситуација беше во 25 минута кога Алисон истрча надвор од шеснаесетникот и со нога ја исфрли топката, но потоа го удри противничкиот играч во глава. Судијата прво го исклучи, но по прегледување на снимката сфати дека голманот чисто играл на топка, а потоа несакајќи го удрил противникот, па му додели само жолт картон.

Во 93 минута, Алисон успеа да избоксува една топка од својот петерец, а потоа се судри со еден играч на Еквадор. Судијата досуди пенал и втор жолт картон за Алисон што автоматски значи и црвен картон.

Сепак по прегледување на снимката, арбитарот процени дека Алисон сепак чисто реагирал на топка и не направил фаул, па веднаш го повлече вториот жолт картон за голманот на Бразил, што автоматски значеше дека нема ни пенал за Еквадор.

https://twitter.com/i/status/1486855829785612288

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести