Анчелоти призна дека го утнал почетниот состав

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, призна дека има и негова грешка за синоќешното мачење на неговиот тим против Лајпциг. На крајот Реал сепак се проби до четвртфиналето, но впечатокот што го оставија Кралевите беше лош.

Анчелоти изненади со почетните 11, со Винисиус како единствен офанзивец, со што тимот го направи безопасен во нападот.

„Идејата со почетниот состав беше да притиснеме повеќе, со енергетски средства. Но, игравме многу бавно, без пресинг, со топката бевме многу бавни, со мала вертикалност, без странични додавања. Моја е вината. Сега не би ги ставил истите 11. Немаше доволно тензија, немаше доволно грижи за грешките. Мислам дека психолошкиот аспект одигра важна улога овде. Игравме против многу силен противник кој немаше што да загуби. Мојот тим играше како да има кочници од самиот почеток. Единствено добро е што сме во четвртфиналето“, рече Анчелоти.

Тој на полувремето побарал од играчите многу повеќе да го притиснат Лајпциг.

„Иако сакав многу повеќе енергија, речиси цел натпревар игравме со нога на сопирачка, бевме бавни. Тоа не беше најдобрата ноќ за мојот тим, мора да го прифатиме тоа“, додаде Анчелоти.

Добри вести за Реал Мадрид се дека за четвртфиналето во ЛШ спремни ќе бидат и голманот Тибо Куртоа и дефанзивецот Едер Милитао, кои се враќаат по долга пауза и тешките повреди на колената кои ги здобија летоска.

- Оглас -

Најнови вести