Реал Мадрид се соочува со сериозни проблеми на позицијата десен бек бидејќи Дани Карвахал и Лукас Васкес поради повреди ќе отсуствуваат долго време. Во такви околности, тренерот Карло Анчелоти беше принуден на таа позиција да го постави Федерико Валверде, кој го одигра натпреварот против Леганес носејќи ја и капитенската лента.
Реал Мадрид го победи Леганес со 0-3, а Валверде импресионираше со својата игра. Анчелоти, кој често знае да биде ентузијастичен во своите изјави, го нарече Валверде „еден од најдобрите десни бекови во светот“, иако Уругваецот по природа е играч од средниот ред.
„Одлично ја заврши својата работа. Навистина ми се допадна. Валверде е фантастичен десен бек и по Карвахал и Васкес, тој е најдобар на светот на таа позиција. Неговиот проблем е што може да игра на врвно ниво на многу позиции, а проблемот на тренерите е да ја одберат најдобрата позиција за тимот“, изјави Анчелоти.
Иако оваа изјава привлече внимание, многумина ја сметаат за претерување бидејќи на таа позиција веќе со години блескаат играчи како Трент Александер-Арнолд (Ливерпул), Жил Кунде (Барселона), Џошуа Кимих (Баерн), Кајл Вокер (Манчестер Сити) и Ашраф Хакими (ПСЖ).
Анчелоти веројатно сакаше да му влее дополнителна самодоверба на Валверде и да постави основа за потенцијално долгорочно решение за оваа позиција.